Hatice Şenses Kurukız
20 Јули 2016•Ажурирај: 22 Јули 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Обидот за воен удар, кој во петокот вечерта во Турција се обидоа да го извршат припадниците на војската лојална на терористичката организација ФЕТО/ПДЈ, беше задушен од страна на турскиот народ со излегување на улиците и плоштадите, а меѓу илјадниците храбри Турци таа ноќ на улиците излезе и Сабри Унал (34), кој храбро легна на улицата во истанбулскиот кварт Алтунизада и се здоби со тешки повреди, откако преку него поминаа два тенка, јавува Anadolu Agency (AA).
Во разговор со новинар на АА, Унал изјави дека првата вест во која војниците со тенкови го блокирале мостот на Босфор ја дознал преку интернет, а потоа го следел обраќањето на турскиот премиер Бинали Јилдирим кој соопшти дека во тек е нелегална акција на еден дел од војската.
Истакнувајќи дека во тој момент со двајцата браќа се одлучил да излезе на улиците и да се спротивстави на пучот, Унал вели дека подоцна дознал оти војската дала предупредување до граѓаните да не излегуваат на улиците, што за него бил дополнителен показател дека се работи за напад на државата.
„Му благодарам на Господа што сите граѓани реагираа соодветно. Мојата приказна е само приказна на еден поединец и не би имал можност ниту да ја кажам доколку не застанавме сите заедно против пучистите“, изјави Унал.
Кај истанбулскиот мост Картал, Унал им пришол на групата војници за да праша за што станува збор, а командантот на таа група грубо го избркал да си оди дома, на што Унал реагирал и му испрскал спреј во очите на командантот и во отсуство на реакција на присутните војници, го продолжил патот кон квартот Алтунизада.
Присетувајќи се дека по пат ги слушнал и пораките на претседателот Реџеп Таип Ердоган и сфатил дека сѐ повеќе луѓе се на улиците, Унал изјави дека видел тенкови како пукаат и одат кон толпата во која тој се наоѓал.
„Фрлив три камена на тенковите и со раце им сигнализирав да сопрат. Тие не застанаа, а јас можев или да бегам или да легнам на патот. Тенковите го забрзаа движењето и јас легнав, и првиот тенк помина над мене. Не ме повреди бидејќи стоев точно во празнината помеѓу гасениците. Се обидов да станам, но другиот тенк веќе доаѓаше кон мене. Ми ја прегази раката и тешко ме повреди. Сѐ се случи за 30 секунди. Воопшто не знаев каде води сето ова, но од дома тргнав со надеж во Господ и со уверување дека тоа е правилен чин што го правам за својата татковина и за народот“, изјави Унал.
Истакнувајќи дека со помош на сограѓаните стигнал до болницата, Унал вели дека таму одбиле да го примат и да му укажат помош.
„Мене и на момчето што ме донесе до болницата ни се закануваа со оружје. Би сакал да го најдам момчето со кое одев дотаму и заедно да потврдиме за таа болница да биде казнета за лошото дело. Бев во голем шок и не се сеќавам точно во која болница бев, би сакал да ми се јави момчето што ми помогна“, изјави Унал.
Унал рече дека подоцна бил префрлен во болницата „Хајдарпаша Нумуне“, во која му е укажана помош и извршен бил оперативен зафат.
Тој додаде дека пучот веќе бил спречен кога тој се разбудил од операцијата.
„Му благодарам на Господ, пучистите се поразени и поголемиот број од нив се уапсени или пребегнати надвор од земјата. Се надеваме дека сите ќе бидат вратени и ќе бидат процесуирани сите припадници на т.н. паралелна држава. Се покажа дека Фетулах Ѓулен имал намера со воениот удар да ја собори власта и во земјата да дојде како лидер пратен од небото“, заклучи Унал.