Göksel Yıldırım
22 Септември 2023•Ажурирај: 24 Септември 2023
АНКАРА (АА) - Турскиот технолошки гигант „Турски аеровселенски индустрии (TAI)“ ќе реализира нови мисии во земјата и во странство со различни сателити, покрај своите одговорности со националниот комуникациски сателит Турксат 6А, јавува Анадолу.
Заменик-генералниот директор на „ТАИ Вселенски системи“, Селман Нас, за Анадолу изјави дека компанијата развила оперативен сателит за друг клиент користејќи ги компетенциите стекнати при изработката на комуникацискиот сателит Турксат 6А.
Нас изјави дека го создале семејството на комуникациски сателити „Small-GEO“ (мали комуникациски сателити), кои може да примат широк опсег на комерцијална носивост.
„Најважната карактеристика на овој сателит е тоа што е електричен и неговиот животен век е ист како и другите хемиски погонски системи. Така што масата на сателитот е мала“, нагласи Нас.
„Благодарение на неговата мала маса, тој има ниска цена за лансирање и може многу брзо да се произведе и стави во употреба“, истакна Нас.
„ТАИ почна да прави таков сателит за аргентинскиот оператор АРИАТ“, рече тој, објаснувајќи:
„Тие сакаа сателит погоден за пренос на податоци и комуникација со голем капацитет. Технички, тој се нарекува 'Ка бенд'.“
Нас рече дека клучниот дизајн на „Small Size GEO“ ќе биде завршен до крајот на оваа година, а неговиот развоен проект до крајот на следната година.
Осврнувајќи се на турскиот сателит за набљудување на Земјата со висока резолуција „Gokturk-1“, Нас рече дека ТАИ работи на сателитот „Gokturk Renewal“ бидејќи „Gokturk-1“ наскоро ќе го заврши својот 7-годишен животен век.
„Сателитот ќе биде лансиран во орбитата во 2027 година. Засега нема промена/одложување во овој распоред“, рече Нас.
Нас истакна и дека компанијата на својата агенда вклучила комерцијални активности со мали и економични сателити за набљудување и дека развиле проект за микросателити.
„Повторно, тоа е сателит за набљудување. Неговата резолуција не е за воени операции. Тоа е проект за евалуација на снимките направени за некои апликации во земјоделството, шумарството и урбанизмот и нивно пренесување до крајниот корисник“, објасни тој.