Burak Bir
21 Мај 2024•Ажурирај: 26 Мај 2024
ЛОНДОН (АА) - Рекордно ниско ниво на морскиот мраз е забележано на Антарктикот минатата 2023 година како резултат на климатските промени, потврдија научниците во извештајот објавен вчера, јавува Анадолу.
„Во 2023 година површината на зимскиот мраз на Антарктикот падна на најниско измерено ниво од почетокот на сателитските записи кон крајот на 1978 година“, се наведува во истражувањето објавено од Британски антарктички институт (BAS).
Научниците открија дека минатогодишното рекордно ниско ниво е нешто што се случува еднаш во 2.000 години без климатски промени, а четирипати е поверојатно под нивно влијание.
Исклучително ниското ниво на морскиот мраз на Антарктикот индицира дека тој може да премине во нова и пониска состојба во следните неколку децении, предупредија научниците.
„Намалениот период на враќање (на мразот) во најдобри сценарија укажува дека забележаното екстремно ниско ниво во зимата 2023 година се случило поради климатските промени“, се наведува во студијата.
Рејчел Дајмонд, главен автор на извештајот, рече дека иако екстремно ниското ниво на мразот на морето во 2023 година се случило најверојатно поради климатските промени, сепак, тоа се смета за многу исклучително според моделите.
„Ова е првпат овој голем сет на климатски модели да се користи за да се открие колку е малку веројатно ниското ниво на морскиот мраз во 2023 година“, истакна таа.
Дајмонд рече дека единствените мерења на морскиот мраз доаѓаат од сателит стар 45 години, што прави исклучително тешко да се проценат промените во обемот на морскиот мраз.
„Според моделите, рекордното минимално ниво на морскиот мраз е нешто што се случува еднаш во 2.000 години без климатски промени“, додаде таа.
Луиз Сајм, коавтор на извештајот, истакна дека влијанието на ниското ниво на морскиот мраз на Антарктикот доколку остане повеќе од 20 години ќе биде значајно и за локалните и за глобалните временски услови.