Gamze Türkoğlu Oğuz
14 Јуни 2018•Ажурирај: 15 Јуни 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Топењето на ледот на Антарктикот е толку забрзано, што може да се каже дека се наоѓа на алармантно ниво. Во периодот 1992-2017 Антарктикот загуби 3 трилиони тони глечери, јавува Anadolu Agency (AA).
Резултатите од новото меѓународно истражување кои се објавени во списанието „Nature“, покажуваат дека во периодот 1992-2011, Антарктикот годишно губел речиси 84 милијарди тони глечери, додека стопеното количество глечери на годишно ниво во период 2012-2017 изнесувал 241 милијарда тони. Севкупно, за 25 години од Јужниот Пол се загубени 3 трилиони тони глечери.
Истражувањето на Националната администрација за аеронаутика и вселена на Америка (НАСА) и Европската вселенска агенција (ESA) во соработка со 88 светски научници, покажа дека за четврт век, стопеното количество на ледената површина на Јужниот Пол е еднакво на површината на американската сојузна држава Тексас, со дебелина од 4 метри.
Научниците истакнуваат дека топењето на ледот предизвикало зголемување на нивото на океаните за 7,6 милиметри.
Изабела Великоња, една од членките на истражувањето од Универзитетот Калифорнија Ирвин ја даде следната проценка: „Сметам дека не треба да бидеме загрижени, но нештата напредуваат позабрзано од очекуваното“.
Иан Џафин од Универзитетот Вашингтон истакна дека Западниот Антарктик, каде што дошло до најголемо топење на глечерите, е во „урнатини“.
Џафин посочи дека во ова истражувања, кое се разликува од истражувањата со едно мерење, за откривање на загубите на глечерите се користени од 10 до 15 сателити, спроведувајќи 24 различни методи, а покрај мерењето на воздухот и површината, изработена е и компјутерска симулација.
Ендрју Шеферд од Универзитетот Лидс истакна дека до крајот на ова столетие, само Антарктиот ќе придонесе за искачување на нивото на океаните и морињата за 16 сантиметри.