Yunus Türk
23 Октомври 2023•Ажурирај: 25 Октомври 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Турската медицинска компанија ИНВАМЕД го трансформира третманот на срцевите заболувања со комбинирање на технологии на респираторно контролиран срцев пејсмејкер и имплантирачки кардиовертер дефибрилатор (ИКД) со вештачка интелигенција, наметнувајќи нова ера во лекувањето на срцевите заболувања, јавува Анадолу.
Развиен во соработка со експерти по кардиологија и кардиохирургија, ИНВАМЕД, како резултат на долгогодишно прецизно истражување, го претстави во светот на медицината респираторно контролираниот пејсмејкер и имплантирачкиот кардиовертер дефибрилатор со интегрирана вештачка интелигенција.
Како што соопшти ИНВАМЕД, пејсмејкерот е поддржан од алгоритми на вештачка интелигенција кои можат сензитивно да реагираат на физиологијата на пациентот.
На овој начин, електричната активност на срцето се оптимизира врз основа на промените во реално време во фреквенцијата и длабочината на дишењето.
Овој иновативен пристап ја подобрува енергетската ефикасност и перформансите на срцето.
Технологијата на имплантирачки кардиовертер дефибрилатор со вештачка интелигенција е способна да открие вентрикуларни аритмии кои претставуваат потенцијална закана по животот и да интервенира веднаш, исто така поседува интелигентна функција која им олеснува на лекарите да креираат конкретни протоколи за третман.
Благодарение на симулаторот развиен од ИНВАМЕД, перформансите на овие технологии во клинички услови може да се тестираат однапред, со што се максимизира безбедноста и ефективноста на процесите на лекување.
Според статистичките податоци на Светската здравствена организација (СЗО), кардиоваскуларните заболувања предизвикуваат смрт на 17 милиони луѓе секоја година. ИНВАМЕД има за цел да ја промени оваа мрачна слика за здравјето на срцето со своите иновативни технологии развиени преку истражувањата.
Претседателот на ИНВАМЕД, Рашит Динч, изјави дека овие случувања го симболизираат почетокот на новата ера во кардиоваскуларниот третман.
„Како ИНВАМЕД, ќе продолжиме да останеме во првите редови на медицинските иновации во светлината на нашите научни истражувања“, нагласи Динч.