Sena Güler
29 Ноември 2017•Ажурирај: 30 Ноември 2017
КОЊА (АА) - Турски студент дизајнираше направа која може да ги заштити децата од можна злоупотреба на дадилките, јавува Anadolu Agency (AA).
Мевлут Каган Балга, 21-годишен студент на компјутерско инжeнерство при Универзитетот Селџук во југозападниот турски град Коња, го нарече уредот „Џинѓоз“ (Cingoz), што во превод значи будно око.
„Некогаш во вестите се зборува за насилство над децата извршено од страна на нивните дадилки. Родителите ги доверуваат нивните деца на други лица додека работат“, вели тој.
Направата исто така може да им служи и на пациенти кои страдаат од Алцхајмерова болест, кои како последица на болеста ја губат меморијата.
„Родителите ја закачуваат камерата на модул и ја поставуваат на градите на детето или на пациентот. Подоцна, сликите (направени од уредот) во одредено време се испраќаат на веб-страницата креирана за таа намена на уредот“, вели Балга.
Тој додаде дека сликите може да се видат само со користење на корисничко име и лозинка, потребни за да се влезе во системот.
Уредот испраќа известување ако забележи непознато лице во близина на детето.
Балга тврди дека неговиот уред е едноставен и погоден бидејќи се прикачува на некое лице, додека другите модели треба да се инсталираат во секоја соба.
Тој рече дека немал никаква финансиска поддршка за својот проект, кој го претставил минатата година, за време на конференција во Анталија.
„Особено се обидуваме да го подобриме траењето на батеријата. Засега, уредот може да остане активен седум до 13 часа“, истакна тој.