Ekipa
23 Февруари 2023•Ажурирај: 23 Февруари 2023
АНКАРА (АА) - Додека глобалната заедница планира да се надгради со најновата мрежна услуга од петтата генерација, Јужна Кореја најави дека ќе се префрли на 6Г-мрежа во 2028 година со цел да има предност во однос на идните безжични фреквенции, пренесува Анадолу.
„Според планот K-Нетворк 2030, Владата на Јужна Кореја ќе го скрати рокот за две години за лансирање на комерцијалната 6Г-мрежа преку обезбедување на најквалитетните 6Г-технологии, иновирање на мобилната мрежа од следната генерација базирана на софтвер и зајакнување на мрежата на синџири на снабдување“, објавија локалните медиуми, повикувајќи се на соопштението од Министерството за наука и информациски и комуникациски технологии.
Министерството претходно оваа недела соопшти дека причината за намалувањето на временската рамка за две години е тоа што Јужна Кореја сака да воспостави рано водство во безжичните фреквенции.
„Истовремено, Владата ќе ги охрабри локалните компании да произведуваат материјали, делови и опрема за 6Г-технологијата во земјата, како и за развивање отворена мрежа за радиопристап, која е компатибилна со кој било мобилен уред и им овозможува на мобилните оператори и компании да понудат флексибилни услуги“, се додава.
Според Министерството, во моментов е во тек физибилити студија за проектот за истражување и развој на основни 6Г-технологии, кој чини околу 481,7 милиони долари.
Министерството истакнува дека напредниот план е наменет да ѝ помогне на земјата да го задржи своето водство во конкуренцијата на светско ниво за идна мрежна инфраструктура по трката за 5Г-мрежата, со цел да се задоволи зголемената побарувачка за поголема брзина и помала латентност во безжичните комуникации.
Минатата година, четвртата по големина економија во Азија учествуваше со 25,9 отсто од бројот на патенти за 5Г, зад лидерот на пазарот, Кина која учествуваше со 26,8 отсто. Сепак, Владата изјави дека бројот ќе се зголеми на 30 отсто и повеќе во натпреварувањето кое претстои за патенти за 6Г-мрежа.