Ivana Ramadanova
10 Декември 2015•Ажурирај: 10 Декември 2015
СКОПЈЕ АА - Денеска црвениот аларм е запален за правото на недискриминација или еднаквост на сите граѓани, а осбено е запален алармот за слободата на изразување, е заклучокот на конференцијата по повод Меѓународниот ден на човековите права организиран од страна на Институтот за новинарство на Правниот факултете во Скопје, јавува Anadlou Agency (AA).
Според професорката Рената Дескоска Тренеска, ако ги погледнеме извештаите на Меѓународните набљудувачи на состојбите во Македонија и на оние кои прават извештаи за напредокот на Македонија во одредени области ќе видиме дека се констатирани сериозни проблеми во онаа што значи заштита на човековите права и слободи.
"Во извештајот на Европската Комисија, имаме чиста единица за слободата на изразување во Македонија, делот на медиумските слободи е проблематичен од аспект на заштитата на човековите права. Она што значи право на фер судење е исто така проблематично и цел еден корпус на асоцијални и економски права кои што значат уназадување наместо заштита на правата на работниците. Значи имаме сериозни проблеми и затоа медиумите треба да бидат едни од најважните услови за зачувување на демократијата во секоја земја", истакна професорката Рената Дескоска Тренеска.
За професорката Јасна Бачовска Недиќ, состојбата со медиумите не е само наш проблем, туку е глобален.
"Ние во Македонија имаме предимензиониран проблем со медиумите, бидејќи 25 години не успеавме да созададеме еден демократски систем. Во однос на човековите права, се крши презумцијата на невиност, се кршат правата на жените, на децата,се кршат политичките права, правата некој да изнесе мислење. Така што многу треба да се работи, како ние од академското ниво, така и вие медиумите за да се дојде до некоја благопријатна состојба во медиумскиот систем во смисла на демократските процеси во нашата земја" , изјави професорката Бачовска Недиќ.
Деканот на правниот факултет, Борче Давитковски им посака на учесниците плодна и успешна дискусија на денешната Меѓународна конференција за Медиумите и човековите права.
"Се надевам дека преку оваа дискусија сите заедно ќе придонесеме за развој на медиумите и човековите права, бидејќи денеска сме свесни дека најмногу се кршат копјата токму за медиумите и се надевам дека некој од пораките кои денес ќе ги испратиме ќе допрат до оние кои одлучуваат за статусот и положбата", рече Давитковски.
Тој додаде дека оваа конференција е посветена на слободата на изразување како суштинско право во корелација и со други човекови права.