Admir Fazlagic
02 Јуни 2017•Ажурирај: 03 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за образование и наука денеска соопшти дека со усвојувањето на измените на Законот за основното образование, на Законот за средното образование и на Законот за наставници во основните и средните училишта се укина екстерното тестирање, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Собранието на Република Македонија вчера донесе Закон за изменување на Законот за основното образование, Закон за изменување на Законот за средното образование и Закон за изменување на Законот за наставници во основните и средните училишта со кои се укина екстерното тестирање", пишува во соопштението.
Од министерството посочуваат дека измените на законите се објавени во „Службен весник на Република Македонија” бр. 67 од 1 јуни 2017 година и стапија во сила со денот на нивното објавување.
„Со овие законски измени е укинато екстерното тестирање и нема да се спроведува. Сите отпочнати постапки во врска со екстерното проверување на знаењето на учениците запираат", се додава во соопштението.