Ekipa
22 Септември 2022•Ажурирај: 23 Септември 2022
БРИСЕЛ (АА) ‒ Унгарскиот премиер Виктор Орбан повика на укинување на санкциите на Европската Унија (ЕУ) кон Русија до крајот на оваа година, велејќи дека рестриктивните мерки предизвикуваат инфлација и економска криза, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Говорејќи на состанокот на унгарската владејачка партија во Балатоналмади, Орбан ги повика сите членови на партијата Фидес да направат сѐ што е можно за да ја натераат ЕУ да ги повлече санкциите [против Русија] до крајот на годината“, објави дневниот весник „Магјар Немзет“.
Според Орбан, претставниците на ЕУ со седиште во Брисел ги „изнудиле“ санкциите кон Европа на почетокот на оваа година, претворајќи го „локалниот конфликт“ во „глобална економска војна“.
„Санкциите на крајот предизвикаа економски проблеми, вклучително и енергетска криза и инфлација“, изјави тој.
„Доколку се укинат санкциите, инфлацијата ќе се намали за 50 отсто“, додаде премиерот.
Говорот на Орбан имплицира на тоа дека Унгарија може да го блокира усвојувањето на новиот пакет санкции на ЕУ што денеска го најави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, по вонредниот состанок на високите дипломати на ЕУ во рамките на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Без да открива детали, Борел потврди дека ЕУ подготвува нови економски мерки против Москва и дека ќе ја зголеми воената поддршка за Украина како одговор на делумната мобилизација во Русија.
Амбасадорите на ЕУ се очекува да разговараат за предлогот утре (петок).
Од почетокот на руската војна против Украина, Блокот обезбеди вкупно 2,5 милијарди евра воена помош и гориво.
Исто така, воведе седум пакет санкции, насочени, меѓу другото, и кон рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, забранувајќи го увозот на злато, нафта и јаглен, извозот на луксузни стоки и високотехнолошка технологија, а во санкциите е вклучено и исклучување на руските и белоруските банки од меѓународниот платежен систем СВИФТ.
Пролетта Унгарија со недели го блокираше усвојувањето на шестиот пакет санкции поради забраната за увоз на руска нафта.
Како компромис, земјата доби исклучок за увоз на нафта од нафтоводот, но сепак стави вето на воведувањето санкции за забрана за патување и замрзнување на имотот на поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил.