Ivana Ramadanova
14 Декември 2015•Ажурирај: 14 Декември 2015
СКОПЈЕ АА - Револтирани од дрвосечата и најавената изградба на двете згради за факултетите ФИНКИ и за физичка култура, студентскиот пленум и Младинската организација Мугра утрово го блокираа влезот на Ректоратот на Универзитетот Кирил и Методиј, јавува Anadolu Agency (AA).
Тие денеска ги доставија своите барања до Ректоратот и Сенатот при УКИМ, притоа нагласувајќи дека не се против изградба на нови факултети, туку само сметаат дека оваа одлука е избрзана.
Во петте барања спаѓа и барањето за одговорност и оставкат од ректорот на УКИМ Велимир Стојковски, поради како што велат „немање капацитет да застане во одбрана на универзитетската автономија и интересите на акдадемската заедница“. Воедно побараа деканите од Правниот, Економскиот, Филозофскиот, Филолошкиот и Архитектонскиот факултет да излезат со став за ситуацијата, како свикување на вонредна јавна седница на Сенатот при УКИМ, на која ќе присуствува и предвидениот број студенти, според Законот за високо образование и Статутот на УКИМ.
"Предмалку имавме средба со проректорот Петрушевски, по која што констатиравме дека само ректорот е одговорен за да ги исполни нашите барања. И се додека ректорот не прати допис бидејќи е надвор од земјата и не го спречи моменталното градење на двата објекта на територијата на УКИМ, блокадата на УКИМ ќе продолжи. Ќе сториме се за да не се случи тој камен темелник овде. Ние сме за изградба на нови факултети, но не наоваа место," изјави Владо Данаилов од Студентскиот пленум.
Студентите воедно побараа да се спречи започната изградба и да се прогласи проектот за неважечки. Студентите се поготвени да учествуваат во изнаоѓање на соодветно решение за овој проблем, кој нема да ја наруши загарантираната автономија на Универзитетот и ќе ги задоволи урбанистичките стандарди.