Sarp Özer
11 Октомври 2019•Ажурирај: 11 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Министерството за национална одбрана на Турција соопшти дека се лажни информациите дека Турските вооружени сили нападнале цивили во Камишли и Дерик и оти во тие региони не постојат оперативни елементи кои припаѓаат на Турските вооружени сили, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Министерството се нагласува: „Информациите на терористите од ПКК/ПЈД-ЈПГ, убијците на бебиња, дека Турските вооружени сили го нападнале цивилното население во областите Камишли и Дерик, се лажни. Во тие региони не постојат оперативни елементи кои припаѓаат на Турските вооружени сили.“
Турција во средата ја започна операцијата „Извор на мирот“ во подрачјето источно од реката Еуфрат во северна Сирија, со цел обезбедување на своите граници и на сирискиот територијален интегритет со елиминирање на терористичките елементи и осигурување безбедно враќање на сириските бегалци.
Турција долго апелира дека терористичката организација ПКК и нејзиниот огранок ЈПГ/ПКК претставуваат најголема закана за иднината на Сирија, загрозувајќи го територијалниот интегритет на земјата и нејзината унитарна структура.
Анкара, исто така, истакна дека поддржувањето на терористите под изговорот за борба против ДЕАШ е неприфатливо.
Турција има 911-километарска граница со Сирија и долго време говори за заканата од терористите кои се наоѓаат источно од реката Еуфрат и од формирањето терористички коридор таму.
Турција планира да пресели 2 милиони сириски бегалци во 30 километри широката планирана безбедносна зона во Сирија, која ќе се протега од реката Еуфрат до ирачката граница, вклучувајќи го и Мунбич. Но, присуството на терористичките групи како ПКК, ПЈД и ЈПГ претставува опасност за нејзиното формирање.
Анкара ослободи област со површина од 4.000 квадратни километри во Сирија од терористичките организации во двете одделни прекугранични операции „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на терористичката ПКК.