Aida Cako
31 Октомври 2025•Ажурирај: 01 Ноември 2025
Уништувањето од големи размери на цивилната инфраструктура за време на интензивните израелски воени напади врз градот Кан Јунис во Газа предизвика сериозна криза со вода за пиење, оставајќи ги Палестинците со скудни опции за преживување, јавува Анадолу.
Според извештаите од терен, нападите врз бунарите, резервоарите и подземните цевководи ги исцрпило речиси сите локални извори на вода за пиење.
Сега жителите се принудени да пешачат километри и да чекаат во долги редици за да обезбедат вода од неколкуте цистерни што успеваат да стигнат до областа.
Ситуацијата ги влоши веќе лошите хуманитарни услови во опколената енклава.
Раселените семејства се соочуваат со огромни тешкотии, а многумина ги загубија своите домови и пристапот до основните потреби.
Итаф Кудеих, раселена жителка од регионот Абасан ал-Кабира во јужна Газа, изјави дека не можела да се врати во својот дом откако била раселена за време на светиот месец Рамазан и дека дури и не ја знае неговата моментна состојба.
Кудеих нагласи дека нивниот дом бил целосно урнат, оставајќи ги без вода и храна и во состојба на целосна сиромаштија.
Таа дополнително нагласи дека во Газа не постојат основни хуманитарни услови, додавајќи дека нема пристап до здравствени услуги и лекови.
Израел уби повеќе од 68.000 Палестинци во Газа во двегодишните напади што започнаа на 7 октомври 2023 година.
Прекин на огнот меѓу Израел и Хамас беше постигнат претходно овој месец, врз основа на мировен план од 20 точки предложен од американскиот претседател Доналд Трамп.
Сепак, Израел го прекрши примирјето повеќепати, последен пат оваа недела.