Zülfiya Yakup
06 Мај 2017•Ажурирај: 07 Мај 2017
ПРИШТИНА (АА) - Политичките аналитичари на Косово сѐ повеќе зборуваат за можниот распад на владејачката коалиција меѓу Демократската партија на Косово и Демократскиот сојуз на Косово, поради проблемите околу ратификацијата на договорот за демаркација на границата помеѓу Косово и Црна Гора и поради нефункционалноста на сегашниот состав на косовскиот парламент, јавува Anadolu Agency (AA).
Политикологот Белул Беќај оценува дека Косово нема да добие многу со предвремени избори, бидејќи прашањата ќе останат отворени, додека Азем Власи, кој е добар познавач на политичките случувања на Косово, смета дека сегашниот состав на косовскиот парламент се наоѓа во некој вид на блокада за голем број важни прашања и оти е подобро да се оди на предвремени избори.
Овие денови можат да се забележат знаци дека во косовскиот парламент повторно ќе биде проследен договорот за демаркација на границата со Црна Гора, што според Азем Власи, би требало да се стори.
Власи нагласува дека постојат две можности. Едната е договорот да биде одобрен од косовскиот парламент и тоа прашање да се тргне од дневниот ред или да не помине, што би значело проблемот околу тоа прашањето да се префрли на новиот состав на косовскиот парламент по изборите.
„Ситуацијата е јасна: или, или. По сѐ изгледа дека поголеми се шансите да не помине, но барем да се знае дека овој парламент не е способен да го реши тоа прашање и дека по изборите тоа ќе треба да го стори новиот косовски парламент“, вели Власи.
Доколку во косовскиот парламент не помине договорот, според Власи, не треба да се свикаат предвремени парламентарни избори само поради прашањето за демаркацијата на границата со Црна Гора. Сепак, Власи додава дека настаната ситуација води кон предвремени избори оваа година, наесен.
„Парламентот за голем број важни прашања е во некој вид блокада и не ја извршува својата функција како што треба. Во таква ситуација, подобро е да се оди на предвремени избори, отколку да се чека крај на мандатот во 2018 година“, истакна Власи.
Договорот за демаркација на границата со Црна Гора е преостанатиот услов за добивање на визна либерализација за косовските граѓани од страна на Европската Унија. Тој договор е потпишан кон крајот на 2015 година, но сѐ уште не е ратификуван од косовскиот парламент, додека Црна Гора тоа го направи.
Опозицијата тврди дека со тој договор Косово губи повеќе од 8.000 хектари земја и се обиде со насилство да ја спречи неговата ратификација. Истовремено, и одделни пратеници од владејачката партија беа против договорот.
Српските пратеници, исто така, не гласаа за тој договор. По сето тоа, во парламентот на Косово не можеше да се обезбеди потребното двотретинско мнозинство, или 80 пратеници кои би го поддржале договорот, што беше причина владата да го повлече овој меѓународен договор од парламентот.
Политикологот Белул Беќај не ја исклучува можноста да дојде до некое решение кога станува збор за спорниот договор за демаркација на границата со Црна Гора, иако, според него, и власта и опозицијата повеќе инвестирале во меѓусебната нетрпеливост отколку во аргументи. Беќај смета дека последиците од ратификацијата на договорот би биле поголеми отколку тој да не биде одобрен.
„Јазот што е создаден во претходниот период е голема пречка. Знам дека ќе има многу позитивни работи доколку демаркацијата помине, но исто така знам дека последиците од ратификацијата ќе бидат подалекусежни во однос на предностите што ги носи ратификацијата. Во суштина, граѓаните не ја добиваат визната либерализација во онаа мера колку што ја добиваат оние што се на власт“, рече Беќај.
Тој додаде дека граѓаните на Косово по визната либерализација ќе можат да престојуваат во земјите на ЕУ само по три месеци, или како студенти или како гости кај своите роднини. Од друга страна, доколку помине ратификацијата на договорот, ќе бидат повторени грдите сцени кои се непотребни и излишни во оваа ситуација. Беќај смета дека Косово нема да добие многу со предвремените избори, бидејќи прашањата ќе останат отворени.