Zülfiya Yakup
27 Ноември 2015•Ажурирај: 29 Ноември 2015
ПРИШТИНА (АА) - Безбедносните сили на Косово (БСК), денес, во чест на „Денот на силите“ ги отворија вратите на своите касарни за сите граѓани кои се заинтересирани одблизу да го видат животот и работата на војниците на Безбеднсосните сили на Косово. Централната манифестација е одржана во касарната „Адем Јашари“ во Приштина, на која присуствуваа ученици, граѓани и високи воени и политички, домашни и меѓународни личности, јавува Anadolu Agency (AA).
Војниците на БСК ги посети и претседателката на Косово, Атифете Јахјага, заедно со министерот за Безбедносни сили на Косово, Хаки Демоли и командантот на Безбедносните сили, генерал-полковник Рахман Рамо.
Претседателката во таа прилика им го честиташе „Денот на силите“ на граѓаните на Косово, на генералот и министрот, но и на сите момчиња и девојки од БСК, упатувајќи им честитки на постојаното унапредување и професионализмот и на сите достигнувања.
Одговарајќи на прашањето кога Безбедносните сили на Косово ќе станат војска, Јахјага рече дека е завршена постапката на разгледување на безбедносниот сектор и БСК и дека „она што денес го видовме и нивото на нивната професионална подготвеност, но и од аспект на нивната опрема, ја покажува подготвеноста на БСК.“
Јахјага додаде дека Косово брзо ќе склучи посебен договор со НАТО за понатамошна трансформација на Безбедносните сили, која веќе е во тек.
Ахман Рама рече дека БСК се подготвени да станат војска.
На претседателката Јахјага потоа и беа претставени активностите на БСК, машинеријата и техничките средства со кои се работи.