Alma Çekovic
27 Ноември 2015•Ажурирај: 28 Ноември 2015
ПАРИЗ (АА) - Во дворот на комплексот во кој се наоѓа воениот музеј и Наполеоновата гробница во центарот на Париз во присуство на бројни француски функционери, семејствата на жртвите и повредените, одржана е национална меморијална служба во чест на 130-те убиени и неколку стотината повредени во париските терористички напади пред две седмици, јавува Anadolu Agency (АА).
На меморијалната церемонија, освен членовите на семејствата на жртвите и оние кои ги преживеаа нападите, присуствуваа близу илјада граѓани како и претседателот на Франција, Франсоа Оланд, кој одржа говор.
Ова е прв формален собир по серијата координирани терористички напади на шест локации на 13-ти ноември во Париз, во кои загинаа 130, а повредени беа 351 лице. Некои од повредените присуствуваа на меморијалниот собир во инвалидски колички и носилки.
Откако оддаде почест на жртвите на нападите, Оланд одржа говор во кој изјави дека Франција е погодена со „кукавички чин на војната“, но дека ќе продолжи да се бори и дека „нема да се предаде на стравот или омразата“.
„Убиени се сто и триесет гласови, засекогаш. Ќе се бориме до крај, и ќе победиме. Нема да се промениме, обединети сме“, изјави меѓу другото Оланд.
Додаде дека Франција ќе одговори на нападите „со пеење на повеќе песни и со посета на концерти и стадиони“, а на семејствата на жртвите и повредените им вети дека неговата земја ќе стори сè „да ја уништи армијата фанатици“ одговорни за нападите од 13-ти ноември.
„Франција ќе го совлада непријателот со нашето оружје, оружјето на демократијата, институциите и меѓународното право. Нашиот денешен патриотизам е отпорност, а не освета. Франција и понатаму е место на толеранцијата“, изјави претседателот на оваа земја.
Националниот меморијален собир, кој го обезбедуваа голем број припадници на полициските сили, заврши со интонирање на француската национална химна и со читање на имињата на жртвите, без прикажување на нивните ликови.