Furkan Abdula
24 Јануари 2019•Ажурирај: 24 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Македонија, Зоран Заев и неговата делегација, во рамки на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, остварија средби со комесарот за проширување на ЕУ и за соседска политика во Европската комисија, Јоханес Хан и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Владата на Македонија, премиерот Заев, придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и од министерот за економија, Крешник Бектеши, во рамките на агендата за време на неговото учество на владината делегација на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, оствари средби со еврокомесарот Хан и со генералниот секретар на НАТО, Столтенберг.
На средбата со еврокомесарот Хан, се вели во соопштението на Владата, било констатирано дека спроведувањето на историскиот Договор од Преспа се одвива според планираното, и дека сега е време сиот напор на политичките процеси во Република Македонија да се фокусира на нагласена имплементација на реформите за да се овозможи старт на преговорите за членство во ЕУ.
Во соопштението се вели дека во разговорот со Столтенберг уште еднаш биле афирмирани пораките за поддршка и охрабрувањето што и понатаму стигнуваат од НАТО, за да се финишира спроведувањето на Договорот од Преспа, како и очекувањето на почетокот на ратификацијата на протоколот за членство.
Се истакнува дека премиерот Заев потенцирал дека Македонија е целосно подготвена за овој значаен чин, како еден од двата врвни приоритети на Република Македонија на меѓународен план во 2019 година.