Admir Fazlagic
25 Февруари 2017•Ажурирај: 25 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Портпаролот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Бујар Османи синоќа изјави дека ДУИ ќе им ги даде потписите на СДСМ за добивање мандат, но тоа не значи дека ќе коалицира во новата Влада, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти синоќа партискиот портпарол Османи за време на централното претседателство, ДУИ ги дава потписите за да се деблокираат некои процеси и да се запазат роковите за локалните избори, бидејќи, како што истакна, нивното одложување не е во интерес на граѓаните на Македонија.
„Сега само даваме подршка за мандат, да се деблокираат некои процеси, затоа што не е во интерес на државата локалните избори да се одоложат. Но тоа не значи дека имаме договор за коалиција. Ако се одлучиме за учество во влада треба да се усогласат програмите. Има аргументи за и против двете опции и не можам да кажам дали доминира едната или другата опција, но вечерва не очекувам да се донесе таква одлука. Давањето на потписи не значи договор за влада, туку значи започнување на процес на преговори за влада, доколку одлучиме за опцијата партиципирање во влада", изјави Османи.
Претходно, Османи изјави дека ДУИ разгледува две опции, од кои едната е ДУИ да биде дел од владината коалиција, а втората опција е да даде подршка за малцинска Влада, но партијата да биде во опозиција, односно нивните партиски преставници, да не бидат дел од извршната власт.