Bekim Laci
05 Март 2016•Ажурирај: 06 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - Група граѓани се собраа денес на мирен протест пред зградата на Министерството за внатрешни работи со штo побараа оставка од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поради, како што велат, тој бил должен да направи сè што е во негова надлежност да го спречи сквернавењето на камен-темелникот за крстот во Бутел, јавува Anadolu Agency (AA)
Учесниците на протестот велат дека протестот е непартиски, а се протестира бидејќи Спасовски институционално не го спречил сквернавењето на јавниот простор во Бутел.Граѓаните кои протестираа носеа транспаренти со кои сакаа да му упатат порака на министерот Спасовски дека е одговорен за настаните во Бутел, за што од него побараа одговорност.
Во своето обраќање на протестот, претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, истакна дека се дојдени пред МВР да побараат од министерот Спасовски да си ја врши својата должност.
„СМК бара од министерството за внатрешни работи да создаде услови за изградба на крстот во Бутел, чиишто работи беа прекинати”, рече Петров, според кого блокадата беше направена од претставници на ДУИ.
Инаку, крстот во општина Бутел беше поставен минатата недела. Тој е донација на Светскиот македонски конгрес. За време на поставувањето на камен-темелникот, граѓаните Албанци предводени од нивните политички претставници протестираа против ваквата одлука на општина Бутел, а протестите ги продолжија и завчера поставувајќи шатори на местото каде што беше предвидено да се гради крстот, истакнувајќи дека нема да се тргнат сè додека ваквата одлука не биде повлечена.
Вчеравечер, после 18 часот група граѓани од македонска етничка припадност на само 500 метри од местото каде што беа поставени шаторите на Албанците, почна да поставува шатори и да се собира во поголем број, но полицијата и безбедносните сили не дозволија да дојде до судир помеѓу овие две спротивставени групи.