Ayhan Şimşek
29 Септември 2018•Ажурирај: 29 Септември 2018
БЕРЛИН (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес се состана со германската канцеларка Ангела Меркел на работен појадок, на кој дискутираа за билатералните и меѓународните прашања, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган беше во придружба на министерот за финансии и трезор, Берат Албајрак, министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу и министерот за индустрија, Мустафа Варанк.
Денешниот состанок на двајцата лидери беше втор по ред состанок за време на тридневната официјална државна посета на турскиот претседател на Германија.
Вчера двајцата лидери одржаа состанок меѓу турските и германските министри и високи официјални претставници.
На заедничката прес-конференција по состанокот, Меркел вети дека ќе ја зајакне соработката помеѓу Германија и Турција во економијата, енергијата и безбедноста, и покрај политичките разлики околу голем број прашања.
Меркел изјави дека денешните разговори ќе се фокусираат на билатералните односи и регионалните прашања, вклучувајќи ја и ситуацијата во Сирија.
Во рамките на посетата, по неговите официјални состаноци, Ердоган денес ќе отпатува во германската федерална покраина Северна Рајна-Вестфалија, каде што живее голем дел од турската популација во Германија.
Во Келн Ердоган ќе присуствува на церемонијата на свеченото отворање на Централната џамија, една од најголемите џамии во Европа.