Bekim Laci
27 Септември 2018•Ажурирај: 28 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска го пречека на средба неговиот косовски колега Кадри Весели, на која констатираа дека двете земји имаат добра билатерална соработка и пријателски дијалог, јавува Anadolu Agency (AA).
На заедничката прес-конференција која се одржа по средбата, Џафери нагласи дека заедно со Весели констатирале дека треба да се интензивираат билатералните средби на политичко ниво и на ниво на експерти.
„Собранието на Република Македонија формираше една парламентарна група за соработка со Собранието на Република Косово, сметајќи дека оваа група е една добра основа за интензивирање на соработката меѓу двата парламента“ рече Џафери, кој упати честитки до Косово за процесот на визната либерализација со ЕУ.

Џафери нагласи дека за време на средбата му потврдил на Весели дека за референдумот кој ќе се одржи в недела, целиот процес се одвива во согласност со нашето законодавство, додавајќи дека Македонија ги поздравува договорите постигнати до денес меѓу Приштина и Белград.
Весели истакна дека пристигнал во една пријателска земја, која го почитува суверенитетот на Косово, и вети заемно партнерство и поддршка на евроатлантскиот пат на двете земји.
Весели се осврна и на референдумот на 30 септември, истакнувајќи дека без разлика на одлуката која ќе ја донесат граѓаните на Македонија, Косово ќе го почитува тоа.
„Косово го почитува територијалниот интегритет на Македонија, и која и да биде волјата на граѓаните на референдумот за името, ние ќе го почитуваме тоа. Западен Балкан долго време страдаше од недостиг на просперитет и во процесот на интеграции беше многу назад, токму поради несогласувањата кои ги имаа земјите од Западен Балкан. Ова ја покажува политичката неопходност што треба да ја имаат сите креатори на политиката во земјите од Западен Балкан; да мислиме повеќе за тоа земјите посилно да се движат кон ЕУ. Ова е причината зошто ние го поддржуваме Договорот за името меѓу Македонија и Грција“, рече Весели.
Весели нагласи дека Македонија и Косово ќе беа со напредни евроатлантски процеси, ако немаа проблеми со нивните соседи, и токму поради оваа причина, како што рече, ги повикува граѓаните на Македонија в недела масовно да гласаат на референдумот, и да кажат „да“ за членството во НАТО и ЕУ.