Admir Fazlagic
22 Мај 2017•Ажурирај: 23 Мај 2017
ТЕТОВО (АА) - Денеска помеѓу политичките партии кои се дел од парламентарното мнозинство се одржуваат средби на кои се разговара за состав на новата Влада. Лидерот на Социјал-демократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Зоран Заев се состана со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети и со лидерот на Движењето за реформи на Демократската партија на Албанците (ДР-ДПА) Зијадин Села, јавува Anadolu Agency (AA).
По средбата со Ахмети, лидерот на СДСМ, Заев во изјава за новинарите рече дека на средбата разговарале за распределба на политичките субјекти и граѓанскиот аспект во распределбата на ресорите.
„Ги приближуваме пополека ставовите, верувам дека и во самите политички партии ќе има средби и состаноци коишто се наши потенцијални партнери. Ние ќе се видиме и со БЕСА до вечер. Интензивно работиме, средбите ќе траат до касно до ноќта, конечна цел е максимално да ги скратиме деновите за постигнување на договор за коалиција", изјави Заев додавајќи дека сите потенцијални партнери за состав на новата влада даваат предност на квалитетот на кадрите.
На новинарско прашање дали БЕСА и Алијансата на Албанците влегуваат во новата влада, Заев рече дека би сакал и дека целта е сите 67 пратеници да стојат зад новото парламентарно мнозинство, како и дека шансите за сите партнери се отворени.
Во однос на принципите и барањата за кои се разговара на секоја средба со партиите Заев наведе неколку од нив.
„ЕУ и НАТО, владеење на правото и враќање на правна држава, целосна реализација на Охридски рамковен договор, чесност, транспарентот и одговорност на власта, консензуалност во одлучувањето, меѓусебно градење на стратегија на партнерите пред секои важни одлуки без разлика во парламентот или владата, отченост и дефинирање на едно општество за сите и уште неколку важни принципи кои се во тој правец. Партиите мора да подлегнат на целосна законска проверка на свое финансирање, нема заштита на ниту еден наш член ако сакаме да ја вратиме правната држава. Тоа што е важно за граѓаните ќе биде од помош и за нас политичарите", додаде Заев.
Во меѓувреме, ДУИ преку соопштение информираше дека на средбата меѓу лидерот на ДУИ и лидерот на СДСМ се дискутирало за формализирање на процесот на формирање на новата реформска влада на Република Македонија, како и приоритетите на ново мнозинство во земјата.
„Двајцата лидери на коалицијата се согласија околу принципите на владеењето. Се повторија приоритетите на новото мнозинство: сериозни реформи во владеењето на правото согласно препораките на меѓународната заедница, интеграција на земјата во НАТО и во ЕУ, Охридскиот договор, добрите меѓуетнички односи, отворање нови работни места и економски развој на државата”, се вели во соопштението.
Во соопштението се наведува дека еден од приоритетите на владеењето ќе биде и непосредната интеграција во НАТО и отворање на преговори за членство во ЕУ.
Претходно, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во просториите на седиштето на Движењето за реформи на ДПА се сретна со лидерот на оваа партија, Зијадин Села. Преку соопштение Движењето за реформи на ДПА информираше дека на средбата се разговарало за формирање на нова реформска влада, принципите и модалитетите на различното владеење од досегашното.
„Се разговараше и за принципот на владеење на правото, политичката и економска еднаквост, економско - социјален развој како и брза интеграција на земјата во евроатлантските структури“, соопштија од ДР-ДПА.
Потсетуваме, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов на 17 мај му го додели мандатот за состав на Влада на Република Македонија на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев. По доделувањето на мандатот, Заев ги започна средбите со партиските лидери кои се дел од парламентарното мнозинство со цел составување на новата Влада.