Ahmad Adil
26 Мај 2026•Ажурирано: 26 Мај 2026
Министрите за надворешни работи на Соединетите Американски Држави, Индија, Јапонија и Австралија денес ја потврдија нивната поддршка за „тековните дипломатски напори” за ставање крај на актуелниот конфликт на Блискиот Исток, со нагласок на „непречениот” проток на глобалната трговија низ Ормускиот Теснец, јавува Анадолу.
„Разговараме за ситуацијата на Блискиот Исток/Западна Азија и ја потврдуваме нашата поддршка за тековните дипломатски напори и надежта за долготраен мир во регионот”, се вели во заедничкото соопштение објавено откако индискиот министер за надворешни работи, Субраманјам Џаишанкар, ги пречека државниот секретар на САД и министрите на Австралија и Јапонија во Њу Делхи, како домаќин на состанокот во рамките на Квадрилатералниот безбедносен дијалог, попознат како Квад.
„Ја повторуваме важноста од почитување на меѓународното право, како што е наведено во Конвенцијата на Обединетите нации за Законот за море, во однос на правата и слободите за навигација, како и безбедноста и непречениот проток на глобалната трговија низ Ормускиот Проток и Црвеното Море“, се наведува во соопштението, при што се додава дека Квад ги осудува нападите врз комерцијалните бродови и се спротивставува на какви било идни мерки што не се во согласност со Законот за море, вклучително и наметнувањето такси.
Квад-партнерството меѓу САД, Австралија, Индија и Јапонија е оформено во 2007 година. Состанокот во Њу Делхи доаѓа во екот на војната помеѓу САД и Иран.
Во однос на спорното Јужно Кинеско Море и Источно Кинеско Море, тие изјавија: „Ние остануваме сериозно загрижени за ситуацијата... Го повторуваме нашето силно противење на какви било дестабилизирачки или унилатерални акции, вклучително и со употреба на сила или присила, кои ги загрозуваат мирот и стабилноста во регионот”.
Шефовите на дипломатиите на земјите од Квад исто така изразија „сериозна загриженост во врска со опасните и присилни дејства, вклучително и мешањето во развојот на морските ресурси, повторното попречување на слободата на навигација и прелетување, како и опасните маневри на воените авиони и бродовите на крајбрежната стража и поморската милиција, особено небезбедната употреба на водени топови и сигнални ракети, како и дејствата на удирање или блокирање во Јужното Кинеско Море“.
„Ние сме сериозно загрижени од милитаризацијата на спорните објекти”.