Admir Fazlagikj
22 Ноември 2015•Ажурирај: 23 Ноември 2015
АНКАРА (АА) – Исмаил Кахраман (75) е избран денес за нов претседател на Големото народно собрание на Република Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
На денешната седница на Големото народно собрание на Република Турција се избираше раководството на најголемата законодавна институција на таа земја, а во третиот круг гласање со 316 гласови за нејзин претседател избран е Исмаил Кахраман, пратеник на АК Партија од Истанбул.
За позицијата претседател се кандираа четворица пратеници и тоа Кахраман од редот на АК Партија, Гулсун Билгехан од Републиканската народна партија (CHP), Денгир Мир Мехмет Фират од Народната демократска партија (HDP) и Јусуф Халачоглу од Националното народно движење (MHP).
Во првите два круга од гласањето ниту еден кандидат не го доби потребното двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, поточно 367 гласа, а Кахраман доби 318 гласа.
Во третиот круг на гласање беше доволно надполовично мнозинство, односно 276 гласови, а Кахраман доби 316 гласа со што стана шеф на 26-тиот состав на турскиот парламент во претстојниот петгодишен мандат.
Првата седница на 26-тиот состав на турскиот парламент од 17-ти ноември до денес ја водеше привремениот претседавач, Изет Бајкал, од редовите на Републиканската народна партија како најстар пратеник во парламентот.