Bekim Laci
04 Декември 2015•Ажурирај: 05 Декември 2015
СКОПЈЕ (АА) - Мешовитиот парламентарен Комитет Македонија-ЕУ во текот на вчерашниот и и денешниот ден ја одржаа 13 седница со заеднично претседавање на Кенан Хасипи, пратеник од Република Македонија и Алојз Петерле, пратеник од Република Словенија, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот и размената на идеите со министерот за надворешни работи Никола Попоски, Комитетот ги усвои препораките кои треба да и послужат на Република Македонија како патоказ кон европските интеграции.
Мешовитиот комитет размени идеи на темите: имплементација на договорите од 2 јуни и 15 јули, владење на правото, изборните реформи, слободата на медиумите и дијалогот меѓу заедниците, но исто така стана збор за бегалската и мигрантската криза.
" За разлика од претходниот состанок каде што поради отсуство на опозицијата излеговме само со заедничка изјава, овој пат како што можете да приметите имаме завршни препораки кои се усвоени едногласно со што предлагачите на амандманите ги повлекоа истите и му дадоа поддршка на текстот кој е хармонизиран со ЕУ. Овие препораки ќе ни служат како показател како да продолжиме понатаму во согласност со Извештајот за напредок на РМ" ,изјави Хасипи.
Претседавачот на Комитетот, Алојз Петерле ја потенцираше важноста на политичкиот дијалог.
"Парламентарниот дијалог во рамките на овој комитет се постигна, а една од главните причини поради што ние имавме можност да се сретнеме во полн состав е фактот дека се постигна политички дијалог во Македонија. Има разлика кога зборувате со само еден дел од Собранието и кога зборувате со сите претставници во него" ,изјави Петерле.
Препораките на Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија-ЕУ имаат вкупно 12 точки во кои меѓу другото се наведува потребата да властите во Македонија организираат избори според највисоките стандарди. Исто така, им се препорачува на властите да обезбедат независно судство, далеку од политичките влијаниа, да го имплементираат Охридскиот договор и истовремено се надеваат дека ќе се најде заедничко прифатливо решение за спорот со името помеѓу Република Македонија и Грција.