Nazmi Abduramani
03 Август 2016•Ажурирај: 04 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Македонскaта министерка за култура, Елизабета Канческа - Милевска денеска се сретна со делегација од Турција предводена од генералниот директор на Вакафи, Аднан Eртем, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерството за култура соопшти дека на средбата е истакната одличната соработка помеѓу двете земји, која ги вклучува сите сегменти од културата. Во соопштението се вели дека Камчевска - Милевска истакнала дека во рамките на досегашната соработка, успешно се реализирани многу проекти од областа на заштитата на културното наследство, меѓу кои обновата на родната куќа на родителите на Ататурк во Коџаџик, спомен собата на Мустафа Кемал Ататурк во Битола, Мустафа-пашината џамија, Исхакија џамија во Скопје, Исхакија џамија во Битола и др.
Таа додаде дека од особено значење е и соработката помеѓу институциите, како и размена и учество на уметниците од двете земји на значајни културни манифестации во Македонија и во Турција.
„Во Програмата на Владата застапени се повеќе проекти за унапредувањето и дејствувањето на турската заедница во Република Македонија. Еден од нив е и проектот за изградба на новиот турски театар, со чијашто изведба на турската заедница ќе се добие нова театарска зграда, изградена според сите светски стандарди”, се вели во соопштението на Министерството за култура.
Министерката изрази голема благодарност за донацијата на турската влада, репликата на саркофагот на Александар Македонски, сместена во Археолошкиот музеј на Македонија.
Директорот Ертем на средбата истакна дека добрата соработка во областа на културата ќе продолжи и во иднина, преку спроведување на повеќе проекти меѓу двете земји, особено во областа на заштитата на културното наследство, како и дека тоа ќе биде потврдено со потпишувањето на Протоколот за соработка и спроведување на активности за конзервација и реставрација на отоманското културно наследство во земјата.
„Директоратот на Вакафи како надлежна институција од областа на конзервацијата во Република Турција, во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Битола, веќе успешно го реализираше проектот за заштита на Хајдар Кади џамијата во Битола”, додаде Ертем.
Двајцата соговорници изразија уверување дека пријателските односи и соработка во областа на културата меѓу двете земји ќе продолжи да се продлабочува со уште поизразена динамика. На состанокот во Министерството за култура присуствуваше и државниот секретар Бехиџудин Шехаби.