Zülfiya Yakup
03 Август 2016•Ажурирај: 04 Август 2016
ПРИШТИНА (АА) - Во Собранието на Косово денес започна професионалната научна дебата за прашањето на демаркација на границите помеѓу Косово и Црна Гора, која ја организираше Претседателството на Собранието. На дебатата учествуваше највисокиот политички врв на Косово, претседателот Хашим Тачи, премиерот Иса Мустафа и претседателот на Собранието, Кадри Вејсели, како и пратениците на позицијата и опозицијата, претставниците на Државната комисија за означување на границите, експерти за гранични прашања и амбасадори акредитирани на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, во воведниот говор наведе дека ваквата дебата неправедно му фалела на Косово цела година. Тачи изјави дека прашањето за демаркацијата како проблем не постои бидејќи Косово не изгубило ни милиметар од својата земја.
Тој повика на отворена и аргументирана дебата, бидејќи ова не е само прашање за демаркација со Црна Гора, туку и докажува дека Косово е способно да ги постигнува и да ги исполнува меѓународните договори.
Потсетувајќи дека Државната комисија за означување на граничната линија формирана во 2012 година е во склад со законите на Косово, наведе дека по завршувањето на работата на таа Комисија, потпишан е договор за државната граница помеѓу Косово и Црна Гора во Виена, на 26 август 2015 година. Исто така изјави дека Комисијата во својата работа се советувала со косовските сојузници и дека тој лично верува во картите на НАТО, а не во картите на југословенските експерти.
Истовремено, претседателот на Собранието, Кадри Вејсели истакна дека ова е посебен ден за Косово и добра можност да се разговара и сите да се соочат со аргументите. Тој порача дека е добро да се пренесе пораката и колку му е важно на Косово со сите соседи да има добри односи.
Косовската опозиција се противи на потпишаниот договор за границата, со кој Косово, како што тврдат, останува без 8.000 хектари земјиште на границата со Црна Гора. Таа со употреба на солзавец и други насилни методи во Собранието, но и на улиците го оневозможи одржувањето на дебатата по тоа прашање на седница во Собранието.
Опозицијата, која Собранието со месеци го држеше блокирано обидувајќи се со сите средства да го спречи усвојувањето на тој договор, овој пат се согласи да учевствува во дебатата.
За ратификација на тој меѓународен договор, потребно е двотретинско мнозинство од гласовите на пратениците во Собранието на Косово. Парламентот на Црна Гора веќе го ратификуваше Договорот за граничната линија со Косово.