Abdula Berisha
06 Мај 2019•Ажурирај: 07 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за култура на Северна Македонија, Асаф Адеми, соопшти дека поднел оставка од министерската функција поради здравствени причини, јавува Anadolu Agency (AA).
Адеми, кој доаѓа од редовите на партијата Алтернатива, на прес-конференција истакна дека одлуката ја донел заедно со претседателот на партијата, Африм Гаши.
Адеми рече дека повлекувањето од функцијата го побарал на последниот состанок на Централното раководство одржан на 22 април 2019 година, а по објаснувањето и оправдувањето поради здравствени причини раководството го прифатило неговото барање.
Тој нагласи дека била донесена одлука неговата оставка да биде соопштена по завршувањето на претседателските избори кои се одржаа вчера.
Адеми упати благодарност до членовите на Централното раководство и до претседателот на Алтернатива поради тоа што му дале можност да ја претстави неговата партија во власта.
Како што соопшти Адеми, оставката е поднесена и до премиерот Зоран Заев, и додаде дека ќе продолжи да ја врши министерската функција сè до назначување нов министер.
Адеми на оваа функција дојде во мај 2018 година.
Во врска со оставката на Адеми, премиерот Заев нагласи дека Адеми порано го известил дека ќе даде оставка поради здравствени причини.
„Замолувањето од мене како мандатор и премиер беше да се почека да поминат изборите. По изборите имам разбирање за здравствената состојба и за неговиот личен однос кон прашањето“, рече Заев.
Премиерот истакна дека сè уште не е утврдено кој ќе биде новиот министер за култура, и дека тоа зависи од кадарот кој е на располагање.
Заев најави и други промени во власта, но и во неговата партија, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Тој нагласи дека овие промени се како резултат на поуките што ги добиле од изборниот резултат на претседателските избори во земјата.