Abdula Berisha
06 Мај 2019•Ажурирај: 07 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) – Владата на Република Северна Македонија организираше прием по повод Денот на македонскиот јазик, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Зоран Заев, кој ја предводеше владината делегација, рече дека Владата ги поканила претставниците на најважните институции кои се занимаваат со македонскиот јазик, како што се Институтот за македонски јазик, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Катедрата за македонски јазик при Академијата на науки и уметности на Северна Македонија и други институции.
Честитајќи го 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, Заев рече дека поради претседателските избори настаните кои се надоврзуваат на овој датум се одржани еден ден подоцна.
Премиерот нагласи дека состанокот со институциите кои се занимаваат со македонскиот јазик е организиран за да се слушнат нивните предлози за сеопфатен и стратешки пристап за зачувување и унапредување на македонскиот јазик.
„Во мое име и во име на Владата на Република Северна Македонија, порачавме дека оваа влада искрено и силно е посветена да го негува и да го унапреди македонскиот јазик. Тоа е наша одговорност“, рече Заев.
Тој додаде дека Владата е подготвена да вложува во капацитети што ќе ја развиваат употребата на македонскиот јазик во земјата и во странство.
Ова е прва година на одбележувањето на Денот на македонскиот јазик. Со владина одлука од месец април беше определен датумот 5 Мај во чест на Решението на Народната влада на Федерална Македонија од 1945 година за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо и озаконувањето на првиот правопис со што беше стандардизиран македонскиот јазик.