Kristina Maslareviç
28 Август 2016•Ажурирај: 29 Август 2016
БЕЛГРАД (АА) - На граничниот премин во близина на Лозница се одржа заедничка антитерористичка вежба на полицијата на Србија и на БиХ ентитетот Република Српска, наречена "Дрина 2016". На вежбата присуствуваа претседателите на Србија и ентитетот Република Српска, Томислав Николиќ и Милорад Додик, како и други официјални лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Вежбата започна со интонирање на химната на Србија, а потоа беше изведено завршното постројување на учесниците на вежбата како и на борбените возила.
Српскиот претседател, Томислав Николиќ, обраќајќи се на присутните рече дека оваа заедничка вежба уште еднаш потврдила дека ниедна река, ниту Дрина или која било друга, ниту пак море, не смее да биде граница за борбата против тероризмот.
„Овде припадниците на специјалните сили на Србија и Република Српска покажаа колку успешно соработуваат, колку целосно се разбираат, дополнуваат, покажаа дека не постои задача која заеднички не може да се реши”, рече Николиќ.
Тој им честиташе на припадниците на полициите на ентитетот РС и на Србија.
„Денес бевте како еден, така дишевте, така размислувате, така работите и ако би се давала воена оценка на оваа вежба, јас би рекол 'многу добро'”.
Претседателот на ентитетот на БиХ, Република Српска, Милорад Додик, на почетокот од својот говор им честиташе на припадниците на полициите на Република Србија и Република Српска и на сите луѓе вклучени во организирање на вежбата и рече:
„Мислам дека ова беше една успешна вежба која покажа единство, ориентација кон целта, способност да се бори против злото, кое речиси го опфати целиот свет”.
Тој додаде дека луѓето кои го гледаат ова треба да знаат дека Србија и РС имаат обучени структури, подготвени да возвратат на каков било удар врз поредокот.
„Нашата заедничка акција покажа дека не може да има граници, затоа што ниту тероризмот нема граници, а особено ни е чест и задоволство што денес овде имавме можност да ја набљудуваме способноста на полицијата на Република Србија, во настојувањето да го зачува и да го одбрани територијалниот интегритет на Србија”, додаде Додик.
Во вежбите во Лозница учествуваа околу 200 припадници на двете полиции, 50 возила, пет летала и пет пловила, а припадниците на полицијата на Србија и РС покажаа сила и обученост во борбата против тероризмот и подготвеност да одговорат на сите безбедносни предизвици.