Furkan Abdula
10 Ноември 2022•Ажурирај: 11 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, продолжи со регионалната посета на балтичките земји, при што во естонскиот главен град Талин оствари средба со министерот за надворешни работи на Естонија, Урмас Реинсалу, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на МНР на Северна Македонија, на средбата двајцата министри го поздравиле интензивираниот политички дијалог во изминатиот период, кој ја отсликува заедничката определба за блиски односи и развиена соработка во областите од заемен интерес.
Се вели дека посетата се случува во исклучително сензитивен период на геополитички поместувања, кои имаат значајни импликации врз безбедноста и стабилноста на европскиот континент.
„Министерот Османи упати благодарност за силната и недвосмислена поддршка на Република Естонија, која во континуитет го помага процесот на европски реформи во нашето општество, но и ја вокализира поддршката во рамки на институциите на Европската Унија“, се вели во соопштението.
„Поддршката од Естонија во рамки на Групата на пријатели за проширување, заедно со другите балтички земји, е во прилог на задржување на европската перспектива и придвижување на европските процеси во Западниот Балкан, вклучително и во нашата земја“, истакна Османи.
Во овој контекст, Османи брифира за тековниот скрининг-процес, како особено значајна фаза во процесот на пристапните преговори со Европската Унија, како и за активностите кои претстојат во наредниот период.
„Особено значајна за реформските процеси во Северна Македонија е естонската поддршка за дигитализација на институциите во Северна Македонија и искористување на естонската експертиза на овој план. Очекуваме искуството на Естонија која е пионер во дигитализацијата во Европа, значително да ни помогне во натамошно подобрување на услугите во нашата земја“, изјави Османи.
Меѓу другото, Реинсалу го подвлече афирмативниот став на официјален Талин за континуираната поддршка на европските интеграции на Северна Македонија, не само преку билатерална развојна поддршка, туку и преку промовирање на потребата за напредок и придвижување на регионот на Западен Балкан кон европското семејство.
„Естонија високо го цени присуството на Северна Македонија на ниво на амбасада во Талин, што ги потврдува одличните пријателски односи меѓу двете земји“, се истакнува во соопштението.
Реинсалу се осврна на состојбите во Естонија и безбедносните ризици во непосредно соседство, предизвикани од руската агресија врз Украина, при што ја реафирмира потребата од едногласна солидарност за поддршка на територијалниот интегритет и мир на Украина.
Двајцата министри се согласија дека се потребни геостратешки одлуки во време на сериозни ризици на геополитички план, визави војната во Украина, како и единство и солидарност меѓу сите чинители за сочувување на стабилноста, безбедноста и мирот на европскиот континент.
Исто така, министрите заклучија дека сојузништвото и обединетоста во НАТO во однос на одвраќањето и јакнењето на Источното крило е од примарно значење за одбранбената положба на Алијансата во овој период.
„Развојот на состојбите во Западен Балкан, неодложната потреба од дијалог и меѓусебно почитување на засегнатите страни за изнаоѓање прифатливи решенија за затворање на отворените прашања, беа дел од дискусијата. Министерот Османи брифира и за идното претседавање на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, изразувајќи надеж за блиска соработка и поддршка од пријателска Естонија“, се додава во соопштението на МНР на Северна Македонија.