Admir Fazlagic
27 Март 2021•Ажурирај: 28 Март 2021
СКОПЈЕ (АА) - По повод одбележувањето на годишнината од зачленувањето на Република Северна Македонија во НАТО, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, одржа тематски работен состанок со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија акредитирани во зeмјите членки на ЕУ и постојаните претставништва во ЕУ и НАТО, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Пред само три дена се вратив од дводневниот Совет на северноатлантската Aлијанса во Брисел, каде за првпат буквално физички седнавме на маса, рамо до рамо со најсилните земји во светот. Дозволете денес, токму на овој јубилеј, да ви пренесам дека достојно и на ниво на задачата ја претставуваме земјата во НАТО, со целосен технички и кадровски капацитет во нашата мисија, онака како што доликува на една земја членка на Алијансата", истакна Османи во својата изјава по повод првата годишнина од членството на РСМ во НАТО.
Како што рече Османи, токму овој јубилеј е една од причините зошто денес ги повикал шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија, акредитирани во земјите членки на ЕУ.
„Денес со нашите амбасадори не само што ќе ја одбележиме годишнината, туку и суштински ќе го анализираме досега сработеното; ќе направиме рекапитулар, или еден вид пресек на нашето членство во НАТО, и секако, ќе ги определиме и насоките за идното наше дипломатско делување како полноправна членка на Алијансата“, истакна Османи.
Шефот на дипломатијата на Република Северна Македонија се осврна и на европските перспективи на земјата.
„Секако дека високо на Агендата на овој наш тематски состанок ќе биде и европското досие на земјава. Очекувам да добијам прецизни информации за политичките состојби и ставовите на земјите-членки на ЕУ во кои Амбасадорите се акредитирани. Околностите се такви што во следни два месеци ни се отвора прозорец на можности кој води до јунските самити на ЕУ. Тоа се неполни три месеци, период во кој очекуваме засилена дипломатска активност и од страна на европската администрација, но и од самите земји членки на Унијата, а во насока на заокружување на нашето европско досие и почеток на преговорите“, потенцираше Османи.
Во попладневните часови на тематскиот работен состанок ќе се одржат и посебни сесии со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров.