Furkan Abdula
31 Август 2021•Ажурирај: 31 Август 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими на средба Никос Дендијас, министерот за надворешни работи на Грција, кој престојува во официјална посета на Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Кабинетот на претседателот на државата, во текот на разговорот Пендаровски и Дендијас размениле мислења за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Грција, состојбите во регионот, како и за актуелните случувања и состојби во Авганистан.
„Двајцата соговорници изразија задоволство од динамиката на политичкиот дијалог меѓу двете држави во изминатиот период, а во овој контекст, претседателот Пендаровски најави дека во тек се подготовките за првата официјална посета на Грција, предвидена за наредниот месец. Претседателот Пендаровски изрази очекување дека истата ќе придонесе кон уште подинамичен дијалог и кон дополнително унапредување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Грција“, се наведува во соопштението.
Истовремено, осврнувајќи се на билатералните односи, претседателот Пендаровски изрази задоволство од нивото на економската соработка меѓу двете држави која, според него, бележи значителен напредок, при што оцени дека потпишувањето на Договорот од Преспа не само што ги нормализирал политичките односи, туку позитивно влијаел и врз севкупните економски односи меѓу двете држави.
Во контекст на имплементацијата на Договорот од Преспа, Пендаровски посочи дека е неопходно негово натамошно имплементирање, како и ангажман од двете страни, за да се обезбеди брзо и непречено продолжување на работата на воспоставените тела со Договорот.
„Покрај ова, во текот на разговорот двајцата соговорници разменија мислења и информации за процесот на македонската евроинтеграција, при што, искажувајќи благодарност за грчката поддршка на тој план, претседателот Пендаровски посочи дека усвојувањето на рамката за преговори останува наш приоритет“, се нагласува во соопштението на Претседателскиот кабинет.
На средбата, Пендаровски се заблагодарил и за грчката донација од 20.000 вакцини против Ковид-19, како и за укажаната помош во справувањето со пожарите во Гевгелија на почетокот на овој месец.