Furkan Abdula
28 Септември 2021•Ажурирај: 28 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, оствари средба со членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, кој престојува во посета на Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на претседателскиот кабинет, соговорниците на средбата оцениле дека двете држави имаат пријателски билатерални односи, без отворени прашања.
„Изразувајќи подготвеност за натамошно продлабочување на соработката во сите сфери од заемен интерес, претседателот Пендаровски и Џаферовиќ разговараа за можноста за воспоставување на директна авионска линија помеѓу Скопје и Сараево, како и за можноста за отворање на Катедра за изучување на босанскиот јазик во Северна Македонија“, се вели во соопштението.
Се истакнува дека Пендаровски посочил на интересот на Северна Македонија за интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена со Босна и Херцеговина, која, како што било посочено на средбата, заостанува зад добрите политички односи.
„На средбата соговорниците разменија мислења во однос на европските аспирации на двете држави. Претседателот Пендаровски ја реафирмираше поддршката од нашата држава за европските аспирации на БиХ. Исто така, претседателот Пендаровски изрази и подготвеност за споделување на искуства во однос на НАТО интегративниот процес“, се додава од претседателскиот кабинет.
Во соопштението се наведува дека двајцата соговорници размениле мислења и за актуелните состојби во регионот.
Инаку, членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, престојува во работна посета на Република Северна Македонија по повод 28 септември - Меѓународниот ден на Бошњаците.
Во рамките на посетата, Џаферовиќ со својата делегација положи цвеќе на спомен-обележјето на жртвите од геноцидот во Сребреница кое се наоѓа во скопската општина Чаир.
Најавено е дека Џаферовиќ ќе се состане и со претседателот на Собранието Талат Џафери, како и со премиерот Зоран Заев.
Членот на Претседателството на БиХ, Џаферовиќ, ќе се обрати на свечена академија во Скопје по повод Денот на Бошњаците.