Abdula Berisha
22 Ноември 2019•Ажурирај: 23 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и други претставници на државни агенции посетија фабрика за преработка на месо, каде што ги промовираа новите владини мерки за младите, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи за мерката, премиерот Заев рече дека станува збор за одлука на Владата донесена на 164-та владина седница на која беше усвоен предлог-законот за младински додаток, предложен од Министерството за труд и социјална политика.
Заев рече дека со младинскиот додаток се охрабрува вработувањето на млади луѓе во различните производни сфери, при што ќе им биде исплатена сума од 3.000 денари (околу 50 евра) на месечна основа на младите до 23 години кои завршиле средно образование и кои се ангажирани во која било компанија за производство.
„Секој млад човек што работи во производство или сака да работи во производство, покрај својата плата што ја добива и придонесите, од државата преку Министерството за труд и социјална политика ќе добива 3.000 денари дополнителни пари“, рече Заев.
Министерката Царовска рече дека според нивните податоци, младите претпочитаат други дејности пред производството, потенцирајќи дека тоа треба да се промени.
„Економијата се движи преку вакви компании коишто се домашни и коишто се силни и коишто на младите лица им нудат квалитетен живот. Токму затоа ние како влада, посебна почит кон премиерот Заев, но исто така и Агенцијата за вработување, навистина се трудиме преку оперативните мерки за вработување, а овој пат и со посебен закон да инвестираме во младите“, рече Царовска.
Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, која исто така беше присутна, објасни дека врз основа на податоците прибавени од институцијата со која таа раководи, во моментов има околу 4.000 млади луѓе кои ги исполнуваат условите за младински додаток, додавајќи дека конечниот број ќе биде познат по приемот на апликациите.