Admir Fazlagic
07 Декември 2019•Ажурирај: 08 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Утрово се случи сообраќајна несреќа на патот Блаце - Белољин во Република Србија, во која автобус со македонски регистарски таблички се превртел носејќи патници на еднодневна екскурзија на Копаоник, а во несреќата се повредени 26 лица, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР) на Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„По последните информации добиени од болницата во Прокупље, сите пациенти кои биле примени биле со полесни повреди, претежно контузии и се пуштени на домашно лекување. Во моментот се очекува да пристигне и автобус кој ќе ги превезе кон дома. Повеќе нема згрижени пациенти ни во болницата во Прокупље. Потешко повредената пациентка која е хоспитализирана во Ниш ќе биде задржана на понатамошно лекување", соопшти Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.
Претходно, МНР на Северна Македонија, по добиените информации од дежурните лекари во болницата во Прокупље, информираше дека во болницата во тој момент биле згрижени 16 пациенти, додека едната потешко поврдена пациентка е префрлена во болницата во Ниш.
„Официјалните резултати за причините за несреќата сѐ уште не се доставени до нашата амбасада во Белград", информираат од МНР на Северна Македонија.