Zlatan Kapic
01 Март 2025•Ажурирај: 02 Март 2025
АНКАРА (АА) - Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ се огласи на социјалната мрежа Х со поддршка на украинскиот претседател Владимир Зеленски по неговата средба и жестоката дебата со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, известува Анадолу.
„Хрватска од сопственото искуство знае дека само праведен мир може да трае. Хрватската влада цврсто верува дека на Украина и треба таков мир, мир којшто значи суверенитет, територијален интегритет и безбедна Европа“, порача Пленковиќ.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб изјави дека неговата земја ќе продолжи да и помага и да ја поддржува Украина додека не се постигне праведен и траен мир.
„Да нѐ потсетам сите: Русија е агресор, а Украина е нападната. Украина не се бори само за себе, туку и за безбедноста на цела Европа“, порача Голоб.
Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон исто така објави порака за поддршка на Украина на социјалната мрежа Х по жестоката дебата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Владимир Зеленски во Белата куќа.
Црна Гора поддржува праведен и одржлив мир во Украина и стои покрај украинскиот народ во нивната потрага по мир, порача претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.
Поранешниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ рече дека „војната против Украина е војна против демократска Европа, нејзиниот систем на вредности и нејзиното единство“.
- Пофалби за Трамп
Конфликтот во Овалната соба донесе и пофалби на Трамп.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан на платформата Х изрази поинакво гледиште, изразувајќи солидарност со ставот на Трамп.
„Силните луѓе создаваат мир, слабите мажи прават војна. Денес, претседателот Доналд Трамп храбро се залагаше за мир. Дури и ако на многумина им беше тешко за варење. Ви благодарам, господине претседателе!“
Словачкиот премиер Роберт Фицо наведе дека не е премногу импресиониран од уметничкиот настап во Белата куќа.
Тој повтори дека Словачка нема да ја поддржи Украина ниту финансиски ниту воено за продолжување на војната.
Претседателот на ентитетот Република Српска на БиХ, Милорад Додик, го поддржа американскиот претседател Доналд Трамп по синоќешната жестока дебата со Зеленски во Белата куќа.
„Денес Доналд Трамп покажа крајна одговорност и вистинско лидерство – зборувајќи ја вистината транспарентно и директно на оние кои се навикнати на измами и театралност“, наведе Додик на социјалната мрежа Х.
Владимир Зеленски, смета Додик, уште еднаш докажа дека е „ништо повеќе од неподготвен актер кој игра улога напишана од други, додека неговата сцена е крвав театар во кој страда неговиот народ“.
- Средба Трамп - Зеленски во Овалната соба
Зеленски влезе во жестока расправија со Трамп и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кои повеќепати го обвинија дека е неблагодарен за поддршката на Американците за Украина.
Многу недипломатска војна на зборови траеше околу десет минути во Белата куќа додека Зеленски се обидуваше да ги одбрани своите постапки во врска со конфликтот со Русија кој трае повеќе од три години.
Зеленски потоа ја напушти Белата куќа, а планираното потпишување на договорот за клучните минерали и заедничката прес-конференција беа откажани.