Admir Fazlagic
22 Октомври 2019•Ажурирај: 23 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Сенатот на Соединетите Американски Држави (САД) го ратификуваше Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО, пренесува Anadoliu Agency (AA).
Ова го потврди министерката за одбрана на Северна Македонија Радмила Шекеринска. Таа на нејзиниот профил на социјалните мрежи упати честитки по овој повод.
„Честитки! Нашиот НАТО Протоколот е ратификуван во Сенатот на САД со 91 глас “За” и само 2 гласа “Против”!", напиша министерката Шекеринска.
Претходно сенаторите гласаа Протоколот да се донесе по скратена постапка, што беше поддржано од 84 сенатори, а двајца беа против.
Со ова, САД се 25-тата членка на НАТО алијансата што го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, а останува ратификацијата во уште 4 земји: Франција, Шпанија, Исланд и Холандија.
Потсетуваме, земјите членки на НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во оваа алијанса на 6 февруари оваа година, а досега 24 земји членки го ратификуваа Протоколот.
За да стане Северна Македонија полноправна земја членка на НАТО, Протоколот за пристапување треба да биде ратификуван во парламентите на сите 29 земји членки на Алијансата.