Almir Terzic
23 Јануари 2025•Ажурирај: 24 Јануари 2025
БРАТИСЛАВА (АА) - Словачкиот премиер Роберт Фицо тврди дека во таа земја дејствуваат група експерти кои учествувале во протестите во Украина во 2014 година и во Грузија минатата година, известува Анадолу.
„Можам да потврдам дека има група експерти во Словачка кои учествуваа во настаните во Грузија и активно учествуваа во процесот на Мајдан во Украина. Оваа група се финансира од различни извори“, предупреди Фицо.
Тој е убеден дека групата има намера да ги искористи мирните протести со заземање на владините згради, Парламентот и Претседателската палата. Тој додаде дека Владата нема да преземе никакви мерки поврзани со уставното право на собирање и организирање протести.
Фицо ги обвини политичките противници дека планираат државен удар и за денеска го свика Советот за национална безбедност. И претседателот на земјата, Петер Пелегрини, предупреди дека ситуацијата во Словачка е сериозна и дека постојат знаци за планирана ескалација на тензиите. Сепак, засега не се очекува дека во земјата ќе биде прогласена вонредна состојба.
Словачкиот премиер во вторникот на парламентарна седница зад затворени врати го претставил извештајот на словачката разузнавачка служба СИС. Според зборовите на портпаролката на службата за разузнавање, извештајот содржел „информации за долгорочни, организирани операции за влијание со цел дестабилизација на Словачка“.
Претседателот Петер Пелегрини, исто така, по состанокот на Советот за национална безбедност изјави дека ситуацијата во Словачка е сериозна и дека има знаци за планирана ескалација на тензиите преку поттикнување несогласувања кои ги надминуваат границите на мирните протести, извести словачката новинска агенција Таср.
Пелегрини засега не очекува во земјата да биде прогласена вонредна состојба, а Советот за национална безбедност ја задолжи Владата на следната седница да подготви нацрт-мерки за стабилизирање на состојбата во земјата.
Граѓанските групи кои организираат протести и опозицијата ги осудија изјавите на Фицо. Најголемата опозициска партија, Прогресивна Словачка (ПС), е убедена дека изјавите имаат за цел да ги замолчат и прикријат пукнатините во коалицијата и нејзините неуспеси во решавањето на економските и социјалните проблеми.