Ekip
15 Март 2018•Ажурирај: 16 Март 2018
БРАТИСЛАВА (AA) - Премиерот на Словачка Роберт Фицо и неговата влада денеска поднесоа оставка поради длабоката криза и демонстрациите организирани по убиството на истражувачкиот новинар и неговата девојка минатиот месец, пренесува Anadolu Agency (AA).
Словачкиот претседател Андреј Киска ја прифати оставката на премиерот Роберт Фицо, а мандатот да состави нова влада му понуди на Петер Пелегрини, заменикот на Фицо.
Со оваа одлука трипартиската коалиција ќе остане на власт, со што ќе се избегне можност од предвремени избори.
Пелегрини, кој доаѓа од редод на Социјалдемократската партија на Фицо, ќе формира влада со истите коалициски партнери - Словачката народна партија и партијата на словачките Унгарци Мост-Хид. Коалицијата има мнозинство во парламентот.
Словачкиот премиер во среда ја понуди својата оставка за да ги смири страстите и протестите на десетици илјади Словаци. Фицо ја услови својата оставка со барање претседателот да гарантира дека нема да има предвремени избори.
По убиството на новинарот и истражувачот Јан Кучиак, оставка пред неколку дена поднесе и заменик премиерот и министерот за внатрешни работи на таа земја Роберт Калинак.
Претходно, оставка понуди и словачкиот министер за култура Марек Мадарик.
Новинарот и истражувач Јак Кучиак и неговата девојка убиени се на 25 февруари во Словачка, а убиството беше повод за масовни протести ширум земјата.
Владата вети и парична награда во износ од милион евра за информации кои ќе донесат до расветлување на убиството на новинарот и неговата девојка.