Besar Ademi
14 Октомври 2016•Ажурирај: 15 Октомври 2016
ТЕТОВО (АА) – Со свечена церемонија одржaна во просториите на Тетовскиот универзитет, на претседателот на Косово, Хашим Тачи, му беше доделена титулата почесен доктор на науки за неговата посветеност кон независноста на Косово, за посветеноста кон градењето траен мир на Балканот, како и за создавањето подобри услови за живот и унапредување на човековите права на сите заедници што живеат во Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Ректорот на Тетовскиот универзитет, Вулнет Амети, во своето обраќање истакна дека претседателот Тачи му дал придонес за албанското образование и наука, и дека континуирано му пружал поддршка на Тетовскиот универзитет.
„Освен со албанскиот народ и другите народи што живеат во регионот, личноста на претседателот Тачи е тесно поврзана и со политичката и со геостратешката положба на Западен Балкан, случувањата што го решаваат косовското прашање, унапредувањето на правата и слободите на албанскиот народ што живее во Македонија, Прешевската долина и пошироко“, рече Амети.
Тој додаде дека Тачи со својата извондредна активност во служба на албанската национална кауза и со интензивниот социјален и политички ангажман, има покажано дека е достоен лидер на целиот албански народ.
Косовскиот претседател Хашим Тачи, кому му беше доделена титулата почестен доктор на науки, истакна дека Албанците во регионот имаат заедничка историја и заедничко патешествие коешто досега било успешно. Тој додаде дека пред неколку децении тие самите биле актери и сведоци на голем историски процес на развој.
„Патот за да се дојде до каде што сме денес е производ на големата жртва на нашата генерација, како продолжение на незапирливите напори на многу генерации пред нас. Затоа, денес со храброст можам да речам дека вашиот Универзитет во Тетово е една од ненадминливите академски точки на триаголниот Приштина-Тирана-Тетово“, истакна Тачи.
Тој рече дека градовите во Косово имаат историска, културна, семејна, и над сè братска поврзаност со урбаните центри во Македонија каде што живеат Албанци. Заедничката цел на народите од Косово и Македонија, како што рече тој, е интеграција во европското семејство, каде што секогаш ќе живеат заедно, без постоење на граници.
„Изградбата на автопатот Арбр Џафери е со цел да се приближат нашите центри. Приштина, Скопје и Тетово се блиски еден до друг, ги поврзува историјата, сегашноста и иднината. Слободата на едниот е производ на другиот, и обратно. Нашата слобода е заеднички производ и ова го кажуваме многу отворено“, рече Тачи, според кој со отстранувањето на пречките и преку соработка меѓу овие центри се зајакнуваат мирот и стабилноста во регионот.
Пред присутните се обрати и вицепремиерот на Владата на Македонија за спроведување на Охридскиот договор, Фестим Халили, кој истакна дека косовскиот претседател Хашим Тачи секогаш им пружал соодветна поддршка и помош на Албанците во Македонија.
На овој настан присуствуваа и претставници на политичките партии на Албанците во Македонија и претставници на општините, министри, ректори, декани и професори на албанските универзитети во регионот, студенти и други гости.
Тетовскиот универзитет со оваа титула го почести и нобеловецот Ферид Мурад, првиот ректор на Тетовскиот универзитет, Фадил Сулејмани, поранешниот премиер на Турција, Ахмет Давутоглу, поранешниот претседател на Албанија, Бамир Топи, ректорот на Унивезитетот во Тирана, Мунур Кони, како и други истакнати јавни личности.