Seyit Şamil Kurt
07 Април 2026•Ажурирај: 07 Април 2026
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес го осуди обидот за терористички напад во истанбулскиот кварт Бешикташ, во кој беа повредени двајца полицајци, јавува Анадолу.
Говорејќи на церемонијата на отворање на фабрика од одбранбената индустрија, Ердоган изјави: „Го осудуваме гнасниот напад во Истанбул, кој беше спречен со интервенција на нашите херојски безбедносни сили.“
Тој нагласи дека Турција ќе ја продолжи борбата против сите форми тероризам и нема да дозволи „подмолни и планирани провокации“ да ја нарушат безбедносната клима во земјата.
Денес тројца терористи беа неутрализирани во вооружена пресметка со полицијата што работеше на спречување на нападот, а двајца полицајци беа полесно повредени.
Обвинителството во Истанбул веднаш започна истрага за инцидентот.
Турскиот министер за внатрешни работи изјави дека веќе се идентификувани осомничените за вооружениот судир со полицајците, додавајќи дека „едниот имал врски со група што ја злоупотребува религијата“, додека друг имал претходно полициско досие поврзано со дрога.
Одделно, министерот за правда соопшти дека првичните наоди укажуваат на тоа дека цел на нападот биле турските полицајци распоредени во таа област.