Edıta Zekjırovıc
04 Ноември 2021•Ажурирај: 05 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Во Република Северна Македонија (РСМ) втор ден по ред се одржува Состанокот на министрите за одбрана на земјите од Југоисточна Европа, членки на иницијативата СЕДМ (South-Eastern Europe Defence Ministerial Meeting), кој започна на 3 ноември а ќе трае до 5 ноември, јавува Агенција Анадолија (АА).
На состанокот, министерката за одбрана на РСМ, Радмила Шеќеринска, ја имаше улогата на домаќин, која произлегува согласно воспоставениот редослед помеѓу земјите членки на иницијативата.
На состанокот на СЕДМ, Република Турција беше претставена од адмирал Озгур Озџан.
Предмет на дискусија на министрите и претставниците на меѓународните организации се бројни теми, меѓу кои современите безбедносни предизвици, како што е тероризмот, илегалната миграција, бројните форми на хибридни закани, лажни вести и дезинформации, како и унапредување на меѓусебната соработка во справување или менаџирање на кризи и природни катастрофи.
Министерката за одбрана Шеќеринска истакна дека денешната средба е директна потврда за заедничкиот интерес во развивање на пријателства, јакнење на меѓусебната доверба и шанса за подобро меѓусебно запознавање за следниот пат кога ќе се случи криза да се покаже уште поголема солидарност.

„Она што очекуваме и се надеваме од овој состанок е акција. Ние сме одговорни за безбедноста на нашите граѓани, и како министри и како влади. Ние, и честопати нашите армии, сме на првата линија на одбраната на сиве овие нови типови војни. Наспроти себе честопати имаме невидлив непријател, без опрема, но многу често помоќен од нас. Непријател, на кого, ако навреме не донесеме политики, одлуки и ако не создадеме вакви сојузништва, нема да можеме да му се спротивставиме и тој ќе ни ја одземе и храната и водата и енергенсите, неопходни за современо живеење“, додаде министерката.
Таа напомена дека колку и да е опремена една држава со современи единици, не може сама да се бори против кризните состојби со кои се соочува, и во оваа пригода уште еднаш им се заблагодари на државите кои покажаа голема солидарност со Северна Македонија во борбата против овогодишните пожари.
„Да се познаваме пред да си требаме. Да не познавав еден голем дел од министрите коишто се присутни и оние кои, за жал, не се присутни со нас и од состаноците на регионално ниво и од состаноците на ниво на НАТО, многу тешко ќе ни беше да ја добиеме таа помош брзо и навреме. Да не беа врските помеѓу нашите премиери и претседатели толку силни, многу тешко ќе можевме да се организираме во кризни состојби“, рече Шекеринска.

Во своето поздравнo обраќањe, претседавачот со СЕДМ, воедно и заменик-министер за одбрана на Бугарија, Пламен Христов Јорданов, ги наброја главните приоритети на бугарското претседателство со СЕДМ, како што се промовирањето на меѓусебното разбирање, доверба и соработката меѓу земјите членки, нивниот придонес за регионалниот и глобалниот мир, безбедност и стабилност, како и зголемување на интероперабилноста и способностите за распоредување во мисии за поддршка на мирот.
Тој, исто така, рече дека кризата со пандемијата на Ковид-19 јасно ставила до знаење дека е потребна поголема солидарност меѓу земјите.
По крајот на Студената војна, на Балканот се појави безбедносна празнина, и за време на судирите и кризите кои се јавија, се јави потреба од одржување на отворени канали за комуникација, дијалог и соработка меѓу вооружените сили од подрачјето.
За тие потреби, САД и Турција во 1996 година ги започнаа своите интензивни активности за формирање на СЕДМ. Во 2000 година беше потпишан договорот за формирање.
СЕДМ го сочинуваат САД, Турција, Северна Македонија, Грција, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Украина, Романија, Грузија, Италија.