Dilara Hamit
07 Септември 2026•Ажурирано: 07 Септември 2026
Германската компанија за спортска облека „Адидас“ денес упати извинување откако рекламната кампања во која беше прикажан поранешен израелски војник предизвика реакции и повици за бојкот, јавува Анадолу.
Во кампањата беше претставен Шалев Битон, чија лева нога е ампутирана откако е ранет на служба во израелската Армија во 2021 година, за да се промовира услугата „Single Shoe“ на „Адидас“.
„Свесни сме дека сликата што се користеше во неодамнешната локална активација од страна на локалниот тим предизвика загриженост и силни реакции“, се вели во соопштението на „Адидас“.
„Никогаш не ни беше намерата да предизвикаме навреда и се извинуваме за сите кои се почувствуваа навредени“, додаде компанијата, опишувајќи ја промоцијата како локална иницијатива, а не како дел од глобална кампања.
Битон беше еден од 11-те спортисти со попреченост прикажани на постерите изложени во продавниците на „Адидас“ во Израел.
Пропалестинските активисти ја критикуваа одлуката да се вклучи поранешен израелски војник во кампања фокусирана на лица со ампутација, споредувајќи ја промоцијата со илјадниците Палестинци кои изгубиле екстремитети за време на израелската војна во Газа.
Процените на Светската здравствена организација (СЗО) објавени во мај покажаа дека Газа регистрирала повеќе од 5.000 ампутации на екстремитети и над 22.000 големи повреди на екстремитети од октомври 2023 година. До една четвртина од оние со повреди што им го промениле животот биле деца, според организацијата.
Шпанскиот актер Хавиер Бардем беше меѓу оние кои ги повикаа потрошувачите да ја бојкотираат компанијата поради оваа кампања.
„Адидас“ истакна дека нивната услуга „Single Shoe“ има за цел да промовира инклузија со тоа што им овозможува на луѓето со разлики во екстремитетите да купуваат само чевли што им се потребни.
Компанијата ја воведе услугата во 23 европски земји во јануари, нудејќи индивидуални чевли за 50 % од цената на еден пар во продавниците и продажните места во сопственост на „Адидас“. Развиена е во консултација со групи и организации за лица со попреченост, вклучувајќи ја и ParalympicsGB.
Адидас рече дека кампањата се шири низ Европа, Азија и Блискиот Исток, вклучувајќи ги Палестина, Обединетите Арапски Емирати, Либан, Саудиска Арабија, Кувајт, Катар и Египет.
Компанијата истакна дека „ќе продолжи да слуша, да учи и да работи за да се осигури дека нашите активности ги одразуваат инклузивните вредности за кои се залагаме“.