Berk Kutay Gökmen
23 Септември 2026•Ажурирано: 23 Септември 2026
Претставници на Белата куќа во судски поднесок наведоа дека американскиот претседател Доналд Трамп оценил дека Си-ен-ен, Ем-ес НАУ и „Политико“ ги прекршиле стандардите за однесување на администрацијата, што довело до нивно отстранување од просториите, јавува Анадолу.
Според „Њујорк тајмс“, наводните прекршувања вклучуваат „ширење проверливи невистини за националната безбедност и други прашања, како и објавување чувствителни или доверливи информации“.
„Пристапот до Белата куќа е привилегија – а не право“, се наведува во поднесокот, при што се тврди дека одлуката на Трамп не го прекршува Првиот амандман и е во согласност со долгогодишната практика претседателите да им овозможуваат привилегиран пристап на одредени новинари.
Во поднесокот, исто така, се наведува дека одлуката е прелиминарна, со што на трите медиуми им се остава рок до петок да ја оспорат.
Спорот започна минатиот петок кога Трамп на Трут соушал, платформата чиј сопственик е тој, објави дека ќе им забрани пристап на медиумите, тврдејќи дека тие „не треба постојано да може да објавуваат или известуваат измислувања и лаги“.
Во саботата наутро на новинарите од Си-ен-ен, Ем-ес НАУ и „Политико“ не им беше дозволен влез во комплексот на Белата куќа и им беа одземени пропусниците.
До понеделникот медиумските организации поднесоа тужба, тврдејќи дека забраната „дрско дискриминира врз основа на уредувачкиот став“ и ги прекршува нивните права според Првиот амандман.
Исто така, тие наведоа дека одлуката била донесена без предупредување, со што биле лишени од известувањето што сметале дека е неопходно за толку сериозна мерка. Според тужбата, тие „не добиле никакво претходно известување дека претседателот ќе му забрани пристап на медиум во Белата куќа доколку не му се допаѓа неговото известување“.