Emre Başaran
23 Мај 2023•Ажурирај: 26 Мај 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - За корисниците на паметни телефони со неумешни прсти или за секој кој испратил порака со грешка, помошта конечно е при рака, јавува Анадолу.
ВатсАп (WhatsApp), една од најпопуларните апликации за допишување во светот, ја воведе долгопосакуваната функција - можност за едитирање и поправање на пораките по нивното испраќање.
„За моментите кога ќе направите грешка или едноставно ќе се премислите, сега можете да ги уредувате вашите испратени пораки на ВатсАп“, велат од ВатсАп.
Ова е слично како што направи Твитер со воведување на функцијата само за корисниците со сино знакче, каде едитираниот текст има нотификација дека пораката е уредена. ВатсАп направи разлика со тоа што нема да има начин да се видат претходните верзии на изменетата порака.
Можноста за уредување ќе биде на располагање само 15 минути по испраќањето на пораката - за разлика од Твитер, кој на своите корисници со сино знакче им овозможува едитирање на твитовите половина час по објавата. По истекување на тоа време нема да има начин да се уреди пораката, но сепак може да се избрише.
„Оваа функција е воведена за корисниците на глобално ниво и ќе биде достапна за сите во наредните недели“, се додава во објавата на ВатсАп.