Mohammed Majed
04 Ноември 2023•Ажурирај: 05 Ноември 2023
АНКАРА
Најмалку 15 лица се убиени, а 70 се ранети денес во израелскиот воздушен напад на училиштето Ал Факура во бегалскиот камп Џабалија во кој се сместени илјадници раселени Палестинци од северниот блокиран Појас Газа, известува Анадолу.
„Во израелското бомбардирање погодено е училиште кое служело како засолниште за палестинските бегалци во Џабалија, убивајќи 15 лица, а 70 се ранети“, рече за Анадолу портпаролот на Министерството за здравство на Палестина, Ашраф ал Кудра.
Во претходните соопштенија на палестинското МВР во Појасот Газа се вели дека многу Палестинци се убиени и ранети во бомбардирањето на училиштето Ал Факура.
Ова е уште еден во низата интензивни израелски напади на цивилната инфраструктура, населби, болници и верски објекти во блокираниот палестински Појас Газа.
Училиштето Ал Факура, со кое управува агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), беше засолниште за илјадници раселени лица поради тековните израелски бомбардирање на Појасот Газа.
Бомбардирањето се случи во екот на немилосрдните израелски напади на Газа насочени кон цивилни цели и инфраструктура, иако таквите напади обично претставуваат кршење на правилата на војување.
Во израелските напади на Појасот Газа од 7. октомври досега се убиени 9.448 Палестинци.
„Меѓу жртвите 3.900 се деца, а 2.509 се жени, додека 24.000 се ранети“, соопшти портпаролот на Министерството за здравство на Палестина, Ашраф ал Кудра на конференцијата за новинари во градот Газа.
Кудра додаде дека „70% од жртвите на израелската агресија се деца, жени и стари лица“.
Тој информираше и дека Министерството „од почетокот на израелската агресија на Газа досега примило извештаи дека под урнатините има 2.200 исчезнати лица, од кои 1.250 се деца“.
„Најмалку 150 медицински работници се убиени, а 27 амбулантни возила се уништени и ставени вон употреба како резултат на израелската агресија на Појасот Газа“, додаде Кудра.
Портпаролот на палестинското министерство за здравство го обвини Израел дека „намерно бомбардирал над 105 здравствени установи, при што 16 болници и 32 центри за примарна здравствена заштита се ставени вон употреба поради уривање, недостаток на гориво и електрична енергија.“