Ayhan Şimşek
07 Мај 2026•Ажурирај: 07 Мај 2026
Властите денес објавија дека една Германка е пренесена во болница во Дизелдорф на превентивно тестирање, поради сомнение дека била изложена на хантавирус по појавата на зараза на еден крузер, јавува Анадолу.
Шеесет и петгодишната жена е пренесена во Универзитетската болница во Дизелдорф под строги мерки за заштита од инфекции, каде што е задржана на набљудување на Одделот за инфективни болести.
„Пациентката е во стабилна здравствена состојба”, се вели во денешното соопштение на болницата. „Засега нема докази за активна инфекција, но неопходни се континуиран надзор и дополнителни тестови, со оглед на крајно променливиот период на инкубација на вирусот.“
Синоќа жената била пренесена со авион во Амстердам, а потоа со специјален конвој на итните служби била транспортирана во болница во Западна Германија. Во конвојот имало повеќе возила како мерка на претпазливост за да се спречи контаминација во случај на компликации за време на транспортот.
Бродот „MВ Хондиус“, кој плови под холандско знаме и на кој имало околу 150 патници, пријавил појава на повеќе сомнителни случаи на хантавирус додека пловел во близина на Кабо Верде. Досега починале тројца патници.
Бродот испловил од Аргентина, го преминал Атлантикот со застанување во близина на изолирани острови, а потоа се упатил кон север, кон Кабо Верде во близина на северозападниот брег на Африка.
Според Светската здравствена организација, хантавирусот обично се пренесува преку контакт со урина, измет или плунка од заразени глодачи. Преносот од човек на човек е редок, но е можен при близок контакт со пациенти што имаат развиено симптоми.