Rania R.a. Abushamala
07 Мај 2026•Ажурирај: 07 Мај 2026
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан повика на национално единство и предупреди на обидите да се ослаби внатрешната кохезија, при неговото ненајавено појавување на состанокот со трговците и претставниците на еснафите, објавија денес иранските медиуми, јавува Анадолу.
Повикот на Пезешкијан доаѓа по неодамнешната средба со врховниот водач на Иран, Моџтаба Хамнеи, која траеше речиси два и пол часа.
„Го посетивме почитуваниот водач на револуцијата и разговаравме речиси два и пол часа; неговата перспектива и односот беа крајно хумани, искрени и скромни“, изјави Пезешкијан.
„Единството и кохезија ги сметам за поважни од сè друго; ако издржавме досега, тоа е поради единството и кохезијата“, додаде тој.
Иранскиот лидер истакна дека „непријателот верувал оти луѓето ќе станат незадоволни поради војната и ќе излезат на улиците и, во согласност со таа претпоставка, цел ќе им бидат безбедносните и воените центри“.
„Без никаков срам тие отворено велат дека постапиле како пирати и дека се обидуваат да го распарчат Иран“, предупреди тој, без да именува конкретна држава.
Пезешкијан ги призна економските тешкотии со кои се соочува земјата, велејќи дека инфлацијата и поскапувањата станале глобални предизвици, а Иран се соочил и со дополнителни маки бидејќи се наоѓа „во ек на војна“.
„Имаме еден пат: или да застанеме со народот и да ги прифатиме сите граѓани и покрај различните ставови за да не му се предадеме на непријателот или да се потчиниме на понижување и пораз.“
Регионалните тензии ескалираа откако Соединетите Американски Држави и Израел започнаа напади врз Иран на 28 февруари, што предизвика одмазда од Техеран и прекини во сообраќајот по Ормускиот Теснец.
Прекинот на огнот стапи на сила на 8 април преку посредство на Пакистан, но преговорите во Исламабад не успеаја да доведат до траен договор. Подоцна прекинот на огнот беше продолжен од страна на американскиот претседател Доналд Трамп без утврден рок.
Соединетите Американски Држави од 13 април спроведуваат поморска блокада насочена кон иранскиот поморски сообраќај по стратегискиот воден пат.