Ayhan Şimşek
27 Ноември 2026•Ажурирано: 27 Ноември 2026
Министерството за одбрана на Романија нарача дополнителни 66 борбени возила „Линкс“ од германската одбранбена групација „Рајнметал“, врз основа на рамковен договор, соопшти денес компанијата, пренесува Анадолу.
Вредноста на оваа најнова нарачка изнесува околу 738 милиони евра. Рамковниот договор, склучен во мај 2026 година, опфаќа вкупно 298 возила „Линкс“, при што првата серија од 232 возила беше нарачана уште при склучувањето на договорот.
Од „Рајнметал“ наведуваат дека најголем дел од романската флота возила ќе бидат борбени возила за пешадија, додека остатокот ќе го сочинуваат оклопни возила за носење минофрлачи, командни возила и санитетски варијанти. Планирано е испораките да започнат во 2028 година и да завршат до 2030 година.
Оваа нарачка е дел од поширок пакет на „Рајнметал“ во мај, во рамките на програмата на Европската Унија – „Безбедносна акција за Европа“ (САФЕ). Тој поширок пакет, вреден 5,7 милијарди евра, опфаќа и системи за противвоздушна одбрана, муниција и компоненти за муниција, како и четири поморски пловила.
Од почетокот на руско-украинската војна во 2022 година Романија континуирано ги зголемува издвојувањата за одбраната и ги модернизира своите вооружени сили. Оваа година Букурешт издвојува околу 2,4% од својот БДП за одбраната – што е над долгорочната препорака на НАТО од 2% – и ја заменува застарената опрема од советско време со западни системи.